Усвоен текстот на предлог-законoт за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје

На вчерашната владина седница е утврден текстот на предлог-Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата.

„Охридското Езеро, според предложеното од ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање, се прогласува за споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки“, велат од Владата.

Со прогласување на Споменикот на природата – Охридско Езеро, како што посочуваат оттаму се овозможува заштита и зачувување на природната состојба на Охридското Езеро преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење и заштита на другите природните вредности.

Истовремено, се додава дека со неговото прогласување, се овозможува спречување дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.