Уставен ја запре Уредбата за уривање на дивите плажи на Охридското Езеро

Уставниот суд на вчерашната седница ја запре Уредбата на Владата со која се задолжија газдите на плажите на Охридското Езеро, на кои им е истечена концесијата и со години работат на диво, да ги отстрануваат опремата и објектите, и плажите да ги вратат во првобитна состојба.

„Уставниот суд по одржаната XХIV седница (8 јули 2020 година) поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба и донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оваа уредба согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија и не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба“, стои во соопштението на Уставен суд.

Изминатите месеци јавноста реагираше за разни објекти и дивоградби долж најстарото езеро во Европа. Особено што Општинскиот регистар покажа дека Охрид има 1.076 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас. Роковите за исполнување на препораките од УНЕСКО одамна се изминати. Досега надлежните исполнија само дел од административните задолженија, но останаа проблемите со инфраструктурата. Одлуката за статусот на Охридскиот регион, според извештаите на Владата, УНЕСКО требаше да ја даде од 29 јуни до 9 јули во Кина, но поради пандемијата со коронавирусот состанокот е одложен на неопределено време.

Пред 15-ина дена на крајбрежјето во Охрид кај плажата Немо, се отстрануваше урбана опрема и остатоци од објекти. Исто така, имаше уривање и на други локации, како на пример кај Канео.

Охридскиот градоначалник Константин Георгиевски на вчерашна прес-конференција, уште пред да биде објавена одлуката на Уставен, изјави дека: „во текот на изминатата година покажавме вистинска грижа за она што е исклучително важно, одлучивме да повлечеме црвена линија и конечно да му ставиме крај на самоволието и импровизациите во Охридско-струшкиот регион“.

„Со сите мерки и активности кои ги презедовме и ги преземаме во текот на овој процес, ја запираме деградацијата во регионот и ги поставуваме параметрите за заштита и развој на еден долг рок. Во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, се работеше на сите нивоа на одлучување, на спроведување на мерки и носење на решенија, кои се консултирани со врвни експерти“, кажа Георгиевски, тврдејќи дека за спроведувањето на законите и зачувувањето на светското наследство имаат поддршка од меѓународната заедница и институции.  

По објавата за Уставен, тој за СКД.мк рече дека Општина Охрид ќе продолжи да ги урива дивите плажи, а тоа нема врска со оспорената владина Уредба.