Полиција не дозволува пристап – продолжува рушењето на охридското крајбрежје

Полициски службеници на влезот и од околните влезови на местото викано Горица трета, односно кај плажата Немо, денеска не дозволуваа пристап на новинари и граѓани на охридското крајбрежје, каде втор ден продолжува да се отстранува урбаната опрема и остатоци од објекти.

Полициски службеници не дозволуваа пристап до крајбрежјето каде се одвиваат активностите

Видливо беше присуство на полицијата како пред објектот, во непосредна близина на тобоганот поставен во Охридското езеро, така и внатре каде што се одвиваа активностите. Инспекторката која ја затекнавме на терен не сакаше да даде изјава.

View this post on Instagram

Радио МОФ на терен – Полицијата не дозволува пристап на новинари и граѓани на охридското крајбрежје каде се отстранува урбана опрема и остатоци од објекти. Општина Охрид претходно најави дека вакви активности се спроведуваат на потегот од Горица 3 до ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата Свети Стефан. Оттаму посочија дека се работи за урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. #radiomof #мквести #инставести #охрид #ohrid

A post shared by Radio MOF (@radiomof) on

Од Општина Охрид претходно најавија дека вакви активности ќе се спроведат од потегот од Горица 3 до ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата Свети Стефан.

„Објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион“, информираа претходно од Општина Охрид.

На истиот потег вчера се отстрануваа шанковите кои беа поставени во оваа област, а од интернет-порталот „А1Он“ известија дека при вчерашните активности било уапсено едно лице поради што се заканувал на полицијата.

Фотографијата од активностите кои се преземаа на терен вчера

Владата на 9 јуни ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, а со тоа се задолжи закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески преку неговата Фејсбук страна ја поздрави ваквата одлука на Владата.

„Со ова очекувам конечно да се стави ред во искористувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро за туристички цели, кое се провлекуваше како проблем, години наназад. Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност“ напиша Георгиески.

https://www.facebook.com/KonstantinGeorgieski7/posts/613939559211651?__cft__[0]=AZWXfIhnEP4gpSKvZRnTgsHHMs2Ozcn6_8oxwRBYsMYO2ZmOfvPeni2yYWOYd92qKcjMOk2N6VytTLBamdW-jVSwSFB4unX1Ivw6kGqss_AxzUYcpRz1_DHjcLcnsOFhll7217k_VBpvBUfhqC6rajCNxjQM9eFQ3qGQIqMJxgjZrQ&__tn__=%2CO%2CP-R

Според него, уредбата значително ќе придонесе и во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО, како што вели, во делот на стопанисувањето со крајбрежјето.

Мартин Колоски