Да се вратат во првобитна состојба плажите на кои им е истечена концесијата, одлучи Владата

Владата дополни Уредба со која се задолжуваат газдите на плажите во Охрид на кои им е истечена концесијата и со години работат на диво, треба да ги отстранат опремата и објектите, и плажите да ги вратат во првобитна состојба.

„На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата денеска ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, со која се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат“, се вели во соооштението на Влада по вчерашната седница.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски преку Фејсбук ја поздрави усвоената Уредбата. Со ова, Георгиевски очекува конечно да се стави ред во искористувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро за туристички цели, кое, вели тој, се провлекуваше како проблем, години наназад.

„Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност. Тука особено се потенцира важноста за воспоставување на поголема контрола на крајбрежната трансформација за целите на масовен туризам и зголемена контрола врз уредувањето на постојните плажи“, соопшти Георгиевски.

Според него, оваа Уредба значително ќе придонесе и во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО, во делот на стопанисувањето со крајбрежјето.

СДК.мк во декември објави дека никој не плаќа концесија на Општина Охрид за стопанисување со плажите долж Охридското Езеро. Во тој момент ниту еден од газдите кои ги работат плажите, поставуваат лежалки, маси, столици, чадори, па дури имаат изградено и цели објекти претворени во кафулиња, немаа дозвола за работа. Концесиите им се истечени, па веќе неколку години си работат на диво.

Како што објави онлајн медиумот, на сите плажи им се истечени концесиите уште во 2017 или 2018, бидејќи на јавните повици кои во 2012 и 2013 го распиша Министерството за транспорт и врски, концесиите беа доделени со важност од 5 години. Дел од газдите на плажите плаќале концесија додека им траеле договорот, но дел работеле без да платат ниту денар уште откако им била дадена концесијата.

Според СДК.мк, плажите кои се издадени под краткотраен закуп по пат на јавно наддавање од министерството се „Канео избори“, „Потпеш“, „Куба Либре“, Кадмо Фаланга Алфа“, „Бела виста“, „Немо/Горица“, Акапулко“, „Перко/Зорпалче“, „Џулиет 92“.

Инаку, изминатиов период јавноста и активисти реагираа за разни објекти и дивоградбри долж најстарото езеро во Европа, особено што и УНЕСКО даде јасен став за постапување со нелегалните објекти. Општинскиот регистар покажа дека Охрид има 1076 дивоградби, од кои 409 се во заштитениот појас.

Роковите за исполнување на препораките од УНЕСКО за заштита на Охрид и регионот одамна се изминати. Досега надлежните исполнија само дел од административните задолженија, но останаа проблемите со инфраструктурата.

Одлуката за статусот на Охридскиот регион, според извештаите на Владата, УНЕСКО требаше да ја даде од 29 јуни до 9 јули во Кина, но поради пандемијата со коронавирусот состанокот е одложен на неопределено време.

Изминативе недели Владата разреши членови на Комисијата за УНЕСКО од Охридскиот регион, а проблемот со дивоградбите на крабрежјето се актуелизираше откако активистите реагираа дека кај авто-кампот „Градиште“ повторно се гради нелегален ѕид. По ова, охридскиот градоначалник објави дека ѕидот се руши.

Охрид СОС: Откако очите на јавноста се вперени на друга страна, повторно истата состојба на „Градиште“

Неодамна и Државната комисија за спречување на корупцијата побара од Владата да ги одземе надлежностите на сите општини за уривање на нелегално изградените објекти во охридско-струшкиот регион под заштита на УНЕСКО, со образложение дека предвидените средства на Општина Охрид за оваа намена се премалку.