УНИЦЕФ со отворен повик за млади за Младинскиот климатски самит

УНИЦЕФ информира дека е отворен повик за учество на млади на Младинскиот климатски самит, кој ќе се одржи на 10 септември во МКЦ парк.

Младинскиот самит за климатски промени во Скопје е дел од процесот да се вклучат младите луѓе во преговорите за климатските промени. Самитот ќе им даде шанса на младите на возраст од 15-24 години да се вклучат во дијалог со креаторите на политики, да разменат мислења и да се поврзат со други посветени млади луѓе на животната средина и климатските промени.

„Настанот претставува можност за младите луѓе да го кажат својот став и да земат свое учество во текстот на Младинската декларација за климатски промени. Декларацијата ќе биде документ што ќе ги отсликува погледите и ставовите на младите луѓе за климатските промени и ќе се сподели со локалните и националните институции, и ќе биде претставен на Младинскиот самит за климатски промени на Обединетите Нации, во Милано, Италија“, се вели во најавата за Самитот.

Заинтересираните за учество може да се приклучат на Младинскиот климатски самит тука: https://uni.cf/2WLVMn7 (најдоцна до 5 септември).

Патните трошоци за млади луѓе надвор од Скопје ќе бидат целосно надоместени од организаторите.

Исто така, УНИЦЕФ информира дека ќе се одржува и саем на еко-иновации, каде заинтересираните можат да се пријават за промо на нивната иновација. Пријава тука: https://uni.cf/3jzCXw6

„Саемот за еко-иновации е место каде поединци, НВОи, компании, факултети и други субјекти ќе ги презентираат своите иновации коишто се поволни на разни начини за животната средина и климата. Еко-иновација може да биде производ, услуга, дигитална или физичка, коишто помагаат за подигнување на свеста за климатските промени, намалување на емисијата на стакленички гасови, создавање промени преку ангажман за климатските промени и друго. Домаќинот на настанот, МКЦ (Младински културен центар) ќе обезбеди простор, приклучок за струја и други погодности коишто се неопходни за соодветно функционирање и промовирање на иновациите. На настанот ќе бидат вклучени и медиуми, новинари, донатори и инвеститори за да се овозможи промоција и потенцијална идна соработка и развој на иновациите“, велат од УНИЦЕФ.

Од таму информираат и дека, во согласност со мерките на Владата за настани на отворено, сите учесници над 18-годишна возраст треба да приложат доказ за вакцинација за учество на настанот.