УНИЦЕФ: Наставниците се движечката сила зад закрепнувањето на образованието од КОВИД-19

„Наставниците се движечката сила зад закрепнувањето на образованието од КОВИД-19. Затоа тие мора да одржуваат чекор со новите случувања во образованието, да изградат капацитет за прилагодување и да иновираат под отежнати услови, како и да добијат пристап до ресурси за стручно усовршување. Нивната позитивна реакција на онлајн курсевите и средбите за групно предлагање на решенија покажува дека можеме заеднички да осмислиме поиздржлив образовен систем по кризата со КОВИД-19“, изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Во текот на изминативе три месеци УНИЦЕФ, Бирото за развој на образованието и Смарт Ап поддржаа единаесет вебинари за зајакнување на капацитетите на наставниците, воспитувачите и другите практичари во образованието, на теми поврзани со примена на иновативни методи на настава со фокус на дигитални алатки и дигитално учење.

Над 23.000 учесници присуствуваа на сесиите реализирани преку платформата за учење Едуино.

„Со фокус на размена на најдобрите практики помеѓу наставниците и совети од колегите, вебинарите опфатија теми како што се: формативно оценување во услови на хибридна настава, презентација на моделот ‘превртена училница’, подготовка на интерактивна и асинхрона настава, креативно учење преку игра и користење на дизајнерски приоди како метод на настава“, соопштуваат од УНИЦЕФ.

Во услови на повисок ризик децата да го напуштат образованието поради затворање на училиштата за време на КОВИД-19, од УНИЦЕФ велат дека вебинарите исто така им претставија на наставниците вовед во рамка за откривање и давање поддршка на децата што се во ризик да го прекинат своето образование.

Покрај зајакнувањето на можностите за стручно усовршување преку вебинари, онлајн курсеви и конкурси за групно предлагање на решенија (краудсорсинг), тековната програма Едуино опфаќа и финализирање на национална библиотека со видео-лекции, изработка на национална збирка на учебни материјали што ќе служи како едношалтерски систем за дигитални материјали, проширување на конкурсот Едуино Gameathon и зголемување на групата и програмата на Едуино амбасадори.

Вебинарите беа поддржани од иницијативата на УНИЦЕФ финансирана од регионалната програма на Европската унија „Ублажување на влијанието на КОВИД-19 врз животот на децата и родителите во регионот Западен Балкан и Турција“ во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а беа реализирани од Смарт Ап – лабораторија за социјални иновации.