УНИЦЕФ: Децата повеќе не можат да чекаат донесување на закони

Претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани испрати порака до Влада и Собранието да го забрзаат процесот на донесување на законите за децата.

Осврнувајќи се на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации што државава ја усвои пред 30 години, ДиЏовани апелираше за законските иницијативи: предлог законот за правда за децата кој беше утврден од Владата, да се донесе од Собранието, измените на законот за основно образование кои се во собраниска постапка повеќе од седум месеци и досега се поминати само на првото читање, предлог законот за средно образование и предлог законот за стручно образование и обука кои треба да бидат утврдени од страна на Владата.

„Во текот на овие 30 години, правата на децата се немаат променето, но детството е тоа што се промени. Денес децата живеат во свет каде нивните права се доведени под ризик и ставени настрана заради други приоритети. Децата не можат да чекаат. Има закони важни за децата кои чекаат во владина или собраниска постапка да го добијат приоритетот што го заслужуваат“, рече таа.

ДиЏовани го поздрави утврдувањето на предлог законот за правда за децата од страна на Владата е за поздравување, но го повика  Собранието веднаш и без одлагање да го донесе овој закон откако ќе влезе во собраниска постапка. Таа истакна дека пред да добие зелено светло од Владата, овој закон се подготвуваше повеќе од четири години.

Со него се воведува нова мерка која обезбедува најдобриот интерес на детето да биде земен предвид при секое носење одлуки што се однесуваат на децата во судир со законот, како и децата-жртви и сведоци во судски постапки. Се воведуваат и нови мерки за поддршка на децата во судир со законот со кои им се овозможува да ја поправат штетата што ја предизвикале, им се помага да ги разберат последиците од тоа што го сториле и им се обезбедуваат можности за реинтеграција во заедницата.

Предлог законот е усогласен со директивите на ЕУ за процесно-правна заштита на децата кои се осомничени или обвинети во кривична постапка, како и со минималните стандарди за правата, поддршката и заштитата на децата-жртви на криминал.

„Исто така, го повикуваме Собранието да го забрза усвојувањето на измените на Законот за основното образование. УНИЦЕФ искажува загриженост што и по седум месеци од доставувањето на овие измени до Собранието, истите сѐ уште се наоѓаат во собраниска постапка. Иако и сегашниот закон дава добра основа за подобрување на квалитетот на образованието и за инклузивно образование, овие измени се од суштинска важност за обезбедување долгорочно решение за децата во казнено-поправни и воспитно-поправните установи кои и натаму остануваат лишени од нивното право на образование. Оваа негативна состојба постојано ја истакнуваат УНИЦЕФ, Народниот правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Европската Унија во нивните извештаи“, порача претставничката на УНИЦЕФ.

Таа апелираше Владата да преземе итни активности за одобрување и последователно доставување до Собранието на предлог законот за средно образование и предлог законот за стручно образование и обука.

„Овие два закона се од суштинска важност за обезбедување премин од основно во средно образование на децата од ранливите групи, како што се децата со попреченост, децата во воспитно-поправните установи, децата-мигранти и децата-бегалци“, рече ДиЏовани.

„Одолговлекувањето само ќе ги влоши актуелните состојби во повеќе сектори. Во образованието гледаме состојба каде три четвртини од сите деца на возраст од 15 години не успеаваат да постигнат основното ниво на писменост во областа читање, а двајца од тројца ученици постигнуваат слаби резултати по предметите математика и природни науки. Сѐ повеќе деца влегуваат во судир со правосудниот систем“, поентираше таа.