УНЕСКО размислува да ја стави Венеција на листата на загрозени светски наследства

Венеција треба да биде додадена на листата на светско наследство во опасност, истакнаа од агенцијата за култура на Обединетите нации, јавува „БиБиСи“.

Градот во Италија е под ризик од „неповратна“ штета од големата стапка на туризам, прекумерен развој и зголемување на нивото на морето поради климатските промени, се вели во извештајот на УНЕСКО.

Идејата доаѓа со цел да поттикне подобро зачувување на локацијата во иднина.

Портпаролот на Венеција рече дека „предлогот внимателно ќе се прочита“, додавајќи дека потоа ќе следуваат разговори со италијанските власти.

Извештајот на УНЕСКО ги обвинува италијанските власти за „недостаток на стратешка визија“ за решавање на проблемите со кои се соочува еден од најживописните градови во Италија.

Но, еден од поранешните градоначалници на Венеција ја обвини агенцијата за меѓународно наследство дека е „едно од најскапите и најбескорисните тела на лицето на земјата“.

„Тие не ни даваат никакво финансирање за да направиме промени, сè што прават е критикување… Како на Венеција да ѝ треба УНЕСКО да биде светско наследство! Ни треба повеќе акција и помалку зборови“, изјавил функционерот.

Вклучувањето на Венеција во списокот на опасност веќе беше предложено од УНЕСКО пред две години, но во последен момент беше спречено поради некои вонредни мерки донесени од италијанската влада.

Конкретно, една од тие мерки беше одлуката за забрана на големи бродови – како што се бродовите за крстарење – во каналот Сан Марко, како и ветувањето дека ќе започне амбициозен план за зачувување на градот.

Планетата што се загрева има штетно влијание предизвикувајќи зголемување на нивото на морето, па затоа Венеција – која е опкружена со вода – е многу ранлива на поплави. Згора на ова, околу 28 милиони туристи ја посетуваат Венеција секоја година. Ова води кон се повеќе и повеќе проекти за урбана експанзија, што пак му штети на градот, според УНЕСКО.

Меѓу другото, УНЕСКО смета дека високите згради можат „да имаат значително негативно визуелно влијание“ врз градот и тие треба да се градат далеку од центарот на градот.