Италија ги забрани крузерите од крајбрежјето на Венеција по критиките од УНЕСКО

Италија ги забрани крузерите од венецијанската лагуна откако УНЕСКО се закани дека ќе ја стави Венеција на листата на загрозено светско наследство.

Овој потег беше поздравен од активистите кои подолг период се бореа против влијанието на големите прекуокеански бродови врз животната средина, пренесе Гардијан.

Според италијанската Влада сите бродови кои тежат повеќе од 25.000 тони ќе добијат забрана да го користат венецијанското крајбрежје од 1 август. Компаниите кои нудат услуги со крузери сега ќе мора да ја отстранат Венеција од своите понуди додека индустриското пристаниште „Маргера“ не се пренамени за патници. Властите истовремено објавија и тендер за изградба на терминал кој ќе може да прима бродови кои тежат повеќе од 40.000 тони.

„Одлуката која ја усвоивме денеска е важен чекор кон заштита на венецијанската лагуна“, стои во соопштението на италијанскиот Премиер, Марио Драги.

Лимитот од 25.000 тони практично ќе значи дека каналот преку кој се влегува во историскиот центар на Венеција ќе може да го користат само мали патнички и товарни бротчиња.