УНДП: Девет отсто од луѓето во светот се сиромашни, со приходи до 1.9 долари дневно

Повеќе од 71 милиони луѓе ширум светот се соочуваат со сиромаштија како резултат на растот на цените на храната и енергијата, кои се зголемија од почетокот на руската инвазија на Украина, соопшти Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

УНДП проценува дека уште 51.6 милиони луѓе паднале во сиромаштија во првите три месеци по почетокот на војната, живеејќи со 1.9 долари на ден или помалку.

Поради ова, вкупно девет отсто од светското население сега е сиромашно, додека дополнителни 20 милиони се на прагот на сиромаштијата, со приходи од 3.2 долари дневно.

Во земјите со ниски приходи, семејствата трошат 42% од приходите на домаќинствата на храна, но по санкциите кои западните земји ги воведоа на Русија, цените на горивата и основните прехранбени производи како пченицата, шеќерот и маслото за јадење се зголемија.

Блокираните пристаништа во Украина и неможноста на земјата да извезува жито во земјите со ниски приходи дополнително ги зголемија цените, туркајќи десетици милиони во сиромаштија.