[Мегафон] Дуковска: Младите не сакаат да зборат за себе како за сиромашни – нема кој да ги слушне

„Младите не ги гледаме точно позиционирани во целава криза што ни се случува. Тие некако се подразбираат во семејствата. Ама, она што се заборава, во суштина е дека млади се до 29 години и дека многу се носители на семејства. Не секогаш младите треба да ги третираме само како категорија во образование, или во вработување. Ама, до 29 години веќе се и родители. Можеби веќе размислуваат и за прв стан, прв дом, значи да се осамостојат. Веројатно имаат други приоритети на работното место, веројатно веќе не се практиканти, волонтери, веќе размислуваат и за посериозна, постабилна позиција и можеби им треба и ново дообразование. Оваа криза сето тоа го запре“, вели Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.

Дуковска е соговорник во новиот подкаст „Мегафон“, каде разговараме за животниот стандард, егзистенцијаните проблеми на младите, како тие преживуваат и се снаоѓаат во економската и енергетска криза.

Дуковска нагласува дека и таа не ги слуша младите на фокус-групите кои ги реализираат. Прво, вели таа, затоа што ниту еден млад човек не сака, во прво лице еднина, за себе да зборува како за сиромашен. Или да го квалификува своето семејство со недоволно приходи, или со искуство во сиромаштија.

„Второ, немаме каде да ги чуеме младите, затоа што голем дел не се членови на граѓански организации, туку си бркаат своја работа, се обидуваат да направат нешто во животот, да се снајдат. И, во тоа снаоѓање во суштина лежи најголемиот проблем, бидејќи во тоа снаоѓање се губат сите нивни права – и од аспект на вработување, здравство, социјална заштита. Затоа што ако се дел од семејства, би требало да ги делат работите со семејствата. Ако се самостојни, веројатно не се фиксно вработени и немаат доволно приход тоа самостојно да си го овозможат. Значи, да си платат здравствено, да се пријавени, да се кредитоспособни, да можат да си организираат, сакаат одморче, станче и сл. Така што, они практично ни пропаѓаат во дискусијата помеѓу сите големи кризи, и не ги гледаме, освен ако не се во бројката на социјално ранливи категории, или популарно наречени ‘млади во социјален ризик’, којшто веќе ги препознал системот за социјална заштита. Тогаш се веќе бројка“, нагласува Дуковска.

Младинското учество стои на хартија

На прашањето како да се окуражат да зборуваат за себе, за своите проблеми и предзивици, таа вели дека многу се зборува за младинското учество. И тоа, генерално, стои на хартија. Законот за младинско учество ги дефинира сите области во кои младите имаат право да бидат дел до младинските совети во локалните самоуправа. Од донесување одлуки, па до покренување прашања за младински потреби и приоритети.

„Ама, за жал, младинските совети на локално ниво не функционираат. Па, дури и младите да сакаат да кажат нешто – немаат како да кажат. Младинските клубови не функционираат. Значи, единственото место кое треба да претставува младински линк помеѓу локалната самоуправа и бројката млади на ниво на таа општина – не функцонира. Бројката на млади советници, пратеници, носители на функции, значи таму кадешто им држи гласот, таму кадешто имаат моќ на млади – ја нема. Епа, кој да ги повлече младите? Само ќе волонтираат и ќе одат на ‘Еразмус’? Ќе си пишуваат забелешки, сами за себе, без донесувачите на одлуки да ги земат предвид нивните забелешки? Епа, еднаш, двапати… и толку! Мислам дека голем дел од младите се тотално обесхрабрени, не очекуваат ништо, дека некој во оваа држава ќе им помогне, веќе не ни гледаат тука чаре. Не сакаат да зборат, немаат кому да се обратат, не наидуваат на фидбек дека некој вистински ги слуша“, забележува Дуковска.

„Зошто да зборувам, ако никој не ме слуша?“

Според неа, младите „си фаќаат пат надвор и не ги интересира“. Оние активисти што се останати тука навистина многу придонесуваат, вели таа, добро се организирани и имаат одлични предлози. Имаат свои видувања како да се унапреди состојбата, ама и тоа останува дотаму.

„Значи, си живееме во паралелни универзуми, меури, секој во својот. Не ми е поентата дека младите се пасивни, дремат и само нешто чекаат, туку не се доволно слушнати. И, мислам дека недостасува поврзување. Младите треба од некого да учат. Образованието не е единствената алатка, а ниту неформалното образование со самите врсници е доволно. Значи, ако вие немате да научите вештини за менаџирање, управување, носење со јавна функција на локално ниво… многу е мала веројатноста дека утре ќе се окуражите да претендирате за тоа место. Ако сакаме младински политики каде младите активно ќе учествуваат, тогаш тоа треба да им го овозможиме, а не само декларативно да го имаме како хартија. Дека, ете, ‘младите можат да кажат’“, посочува Дуковска.

Фото: Радио МОФ

Таа дава пример од конференција на која присуствувала, каде се зборувало за сиромашни луѓе, во социјален ризик. Настанот бил јавен, секој може да дојде, присуствува и каже нешто. Но, потенцира Дуковска, во салата немало ниту еден што не е член на граѓанска организација, односно сиромашен индивидуалец кој сакал да дојде.

„На моето прашање ‘зошто е ваква ситуацијата’, одговорот беше ‘па, отворена е конференцијата и рековме дека ќе ги покриеме патните трошоци’. Да, но не беше овозможено тоа да се случи. Истото се случува и со младите. На младите не им е овозможено да го земат делчето што природно им припаѓа во општествениот контекст“, забележува Дуковска.

Младите трпат доколку не се внимава на намалување на енергетската сиромаштија

Во последниов период, Македонската платформа против сиромаштија на социјалните мрежи често објавува визуелни прикази со изјави од луѓе. Една таква е на Трајче од Чаир. Тој пишува: „Имам неплатени сметки. За една-две те исклучуваат. И, кога ќе ме исклучуваат се снаоѓам. Два месеци сум бил на свеќа, децата така пишуваа домашно“.

Според Дуковска, Трајче е вистински лик кој живее во Скопје. Има три малолетни деца со сопругата. Немаат редовни приходи во семејството, односно никој од нив не е редовно вработен па да стига „платичка на први“, туку се снаоѓа како знае и умее. Тоа довело некои месеци навистина да немаат струја.

„Ова е една од реалностити. Го прашувам ‘колку пати неделно, месечно јадете месо?’. Тој вели ‘еднаш месечно се јадеше кога се имаше, ама сега нема шанси. Сега јадеме едни кинески тестенини што мирисаат на месо, па така се лажат децата’. Тие деца ќе станат млади. Трагедијата да биде уште поголема, кога зборуваме за енергетска сиромаштија најчесто размислуваме за струја, онаа струја од прекинувач. Ама, не ја гледаме позадината што всушност ни носи таа струја“, вели таа.

Објаснува, топлата вода е од болјер. Ако не постои тоа, млад човек не сака да се дружи, трпи социјализацијата. Ако куќата не е соодветно стоплена или оладена – нема шанси да викнете некој на гости, затоа што ви е срам. Ако немате дома струја – немате ниту интернет. А, без интернет – деновиве како да не постоите.

Фото: Unsplash

„Муабетот ми е дека животите на младите многу трпат доколку не се обрне внимание на намалување на енергетската сиромаштија, која не ги засега само сиромашните семејства по приход, туку и оние што имаат редовни приходи, ама кои не им се доволни. Сметката за струја, парно, дрво, плин, или било што дома се снаоѓаат луѓето – зема голем дел од приходите. И ако недај боже има лице со потреба од здравствени услуги, или е од оние хронично болни, луѓе со месечна терапија, или лице со попреченост, тие сметки за струја ги доведуваат семејствата во состојба да одбираат што ќе им биде најголем приоритет од приоритетите. Дали ќе јадат, дали ќе платат сметка, дали ќе одат на доктор, дали ќе си купат нешто за облекување итн. И, сега, ако вие сте млад човек, ќе барате дома пари, ако знаете дека 40-50-60% од парите ви одат на сметки?! Што ќе побарате?! Нови алишта, нови патики?! Нема шанси! Ќе барате да одите на одмор? Нема теорија!“, посочува таа.

Семејни последици, нарушено ментално здравје и губење вештини

Ваквите ситуации, вели Дуковска, прават млади луѓе да живеат во семејства со нарушени односи, дома да им биде ужас. Да им трпи менталното здравје како на млад човек кој не може да си ги задоволи потребите.

„Тоа е она што сведочиме кај младите како последица од пандемијата. Втората варијанта е ‘одам сам да работам, не ме интересираат вашите пари’. Па, одите да работите било што, без разлика на вашето образование, без да го надоградувате она што најдобро го знаете. Губите од вештините и знаењето што веќе ги имате. Имате некои пари, не сте пријавен, газдата ве малтретира – немате каде да се обратите. Сите ви се криви, сите ги мразите, ама тоа е – тоа. И, трето, веројатно не продолжувате да се наградувате, да се дружите, живеете на минимум, а од тој минимум барате што да заштедите. Епа, тоа е сликата на младите луѓе во оваа сегашна ситуација. Не им е лесно ниту на родителите кои имаат млади по дома, затоа што ниту еден родител не го посакува тоа за сопственото дете. Тука има и големи семејни последици“, нагласува Дуковска.

Фото: Радио МОФ

За жал, вели таа, социјалните услуги кои треба да превенираат – недоволно внимаваат на овие работи. Па, повторува, младите буквално немаат ниту каде, ниту кому да се обратат.

„Ако се од поимотни семејства, тогаш веројатно имаат поголема палета на можности, приватни услуги итн. (Некои) прибегнуваат кон поскапи психотропни супстанци, алкохол или хазадри. Истите работи важат и за оние од посиромашно семејство, само во најлошата насока што ги нарушуваат и здравјето, работоспособноста, чистото расудување итн. Така што, вакви случаи како Трајче има многу. За жал, имаме семејства кои немаат никаква струја, како последица на претходни долгови и сметки што никогаш не успеале да ги отплатат, па заглавиле. Или такви коишто нивните објекти се нелегални и не можат да користат ниту приклучок за струја. Значи, повторно, нешто што не е работа на младите и нешто што не е директно поврзано со младите во семејствата – младите најсилно го чувствуваат“, потенцира Дукоска.

Кој е лекот за ваквата дијагноза?

Дуковска е на ставот дека општините се најблиску до граѓаните. И, ако тие не дијагностицираат што му треба да населението, тогаш некој од Влада дојден на позиција нема да се занимава „со дворот на Трајче“.

„Нема шанси. Ама, затоа нели имаме и локални советници, тие треба да се занимаваат со локални дворови. Неверојатно е! Имаме општини каде нема ниту едно дрво, ниту еден парк. Луѓето кои не можат да пуштат летово клима, како да се оладат? Фино е што даваат препораки. Велат ‘портокалова фаза, седете во разладена просторија’. Каде да ја најдам?! Да одам во мол?! Општината, во најмала рака, треба да обезбеди јавни простори, кои зимно време се доволно затоплени, па луѓе кои дома не им е доволно затоплено, или не можат постојано да греат – дел од денот да го поминат во некаква социјализација, во некаков клуб. Еве, тука се клубовите за стари лица. Ама, ако имаме клубови за стари лица, зашто да немаме простори за млади лица?“, прашува Дуковска.

Исто е и за летно време, вели таа, барем некакви простори под сенка, каде ќе биде достапна ладна питка вода и сл.

Фото: Радио МОФ

„Не се очекувањата дека дома ќе им тропнеме и ќе ги прашаме ‘Што ви треба?’. Не. Луѓето немаат такви желби. Луѓето се прилично реални и скромни во барањата. Бараат барем на оние најсиромашните да им се помогне, да им се обезбеди основно затоплување. Значи и младите ќе помогнат. Ама, она што од почетокот сакам да го кажам е дека младите мораат да бидат на главната маса кога се зборува за нив. Не можам да зборувам во името на младите. Платформата против сиромаштија секогаш вели ‘ние не зборуваме во името на сиромашните, туку се застапуваме за она што го бараат’. Они знаат што им е потребно. А, ако им е потребна помош, тука сме за нив“, нагласува таа.

Требаа ли мерки? 

Во однос на мерките за млади, најголем проблем гледа што политиките ни се интегрирани. Не се надоврзуваат една врз друга. Образованието, вработувањето, домувањето – тие три работи треба да водат една кон друга.

„Ако седнам сега да правам анализа колку Министерството за образование, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за економија кое е носител на енергија, Министерството за транспорт и врски каде се наоѓа домувањето… не ни се спојуваат. Во ниту една мерка, политика. Не е чудо што младите не постојат. Не е доволно да имате Агенција за спорт и млади, која е за ‘спорт и млади’ и во нивните стратегии да има 50 страни, ама за младински развој, младинска политика, квалитет на живот на млади – да има една страна. Значи, не може приоритетната област да не постои, бидејќи било посимпатично и полесно да зборуваме за волонтерство, практиканство… Не!“, вели таа.

Фото: Unsplash

Потенцира, ако видиме во палетата на вработени, оние „активни и пасивни баратели на работа“, таму има сериозен момент дека 30-35% од населението ни е со основно, или со незавршено основно и сл.

„Голем дел од младите не се во таа бројка. Што е одлично. Имате основа како со нив да работите. Ама, не ги терајте младите да работат тоа што не сакаат да работат. Или тоа за кое не учеле. Или за тоа што, едноставно, не можат да бидат среќни на работното место“, забележува Дуковска.

„Иднината е на младите, но чива е сегашноста?“

За Дуковска е несомнено дека треба да има мерки. Убаво е, вели таа, што постојат мерки што се поттикнува младинска невработеност, социјални работи, во секторот земјоделие, или практични работи поврзани со образование. Но, многу од младите сега се на ставот „бараме пари и развој на кариера“.

„Тоа јасно го кажуваат кога можат. Значи, они не сакаат да бидат гледани како на некој што треба да му се помогне, туку да биде слушнат, некој што треба да му се овозможи. Тука е најголемиот проблем, бидејќи ги гледаме како група што треба да и помагаме, ние, со нашите искуства и знаења: ‘Да ти кажам јас како беше во мое време’. (Тоа) не ги интересира“, нагласува Дуковска.

На крајот, таа констатира дека постојат про и контра аргументи како да се подобри ситуацијата. Ама, прво што сите треба да го направат е да ги земат младите не како изолирана, туку како посебна група, со свои посебни потреби.

„Има разлика меѓу потребите на адолесцентите, тинејџерите и оние што се млади родители и семејства. Но, треба да имаме предвид дека голем дел од нив сакаат да бидат признаени како млади експерти. Млади професионалци. Млади активисти. Значи, со статус кој им доликува, а не само ‘како млад, па има време ќе се докаже’. Тука некаде меѓу политиките, заедно со статусот кој им се налепува на младите… Како викаат ‘Иднината е на младите’. А, сегашноста, чива е? Не може да имаме здраво општество, ако немаме здрава младина. Мислам на психички, физички здрава и младина што ќе се чувствува општествено корисна“, констатира Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.

Бојан Шашевски