Уметникот Зоран Попоски ќе изложи на меѓународна изложба во Сингапур

Дигиталниот уметник Зоран Попоски од утре (6 јануари) до крајот на месецот со свои дела ќе учествува на групната изложба „Уметноста на креативното истражување“ во Националниот институт за образование во Сингапур.

На изложбата што ќе биде поставена во Уметничката галерија на Институтот ќе учествуваат 15 уметници-професори од Лондон, Хонг Конг и Сингапур, и од Универзитетот Кембриџ, Универзитетот колеџ Лондон, Кралскиот колеџ за уметност и други.

„Оваа изложба ја слави уметноста како академско истражување. Изложбата спојува на едно место 15 меѓународни уметници-академици кои ги истражуваат нивните мулти-идентитети, стапуваат во дијалог за вредноста и местото на уметноста како истражување, и нудат увид во нивното знаење за односите помеѓу уметноста и академскиот свет“, истакнува Ребека Хитон во предговорот на каталогот за изложбата.

Попоски ќе претстави видео арт од неговата понова продукција, дело што ја истражува просторната онтологија и постхуманата дејственост во рамки на постхуманата естетика на современиот авторски филм.

„Ова дело преставува своевиден вовед и пресек на клучните теми од моето најново творештво, коешто е фокусирано на дигитална ликовна уметност создадена со помош на вештачка интелигенција“, изјави Попоски.

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.