Изложбата „Мината иднина“ од Игор Поп Трајков вечерва во галерија „Ко-Ра“

Во галеријата Ко-Ра при ЈУ Дом на култура Кочо Рацин вечерва (15 јули) во 20:00 часот ќе се отвори изложбата „Мината иднина“ од културологот Игор Поп Трајков.

Ова е неговата трета изложба и овој пат тој се претставува со дигитални слики, односно цртежи.

„Неговата тематска окупација е минатото кое никогаш не станало иднина, и иднината која никогаш не била минато. Во ова тој истражува варијации на историски, психолошки и теми од историјата“, се вели во најавата за изложбата.

Куратор на изложбата е Виолета Калиќ, таа во својот опис за претстојната изложба пишува: „Тој со својот епски наратив преполн со изобилство на контроверзност во неконцептуалното сиже нè провоцира, изненадува, збунува, револтира, замислува; нè навраќа на сегментите од парцијалното и партикуларното во интроспекцијата на времето, на просторот, на генезата на настаните – врежана и впишана, овоплотена и во артефактите на културната историја во ендемското, автохтоното или во универзалното“.

Иван Поп Трајков досега ги има реализирано изложбите „Монитори – реалност или вистина“ (фотографии), „Некогашно место“ (дигитални колажи и витражи), а бил дел и од групните изложби „Непристојни споменици“ и „Денот на велосипедот“.