Улогата на поезијата денеска е да крева љубовно востание и да ги симне маските на светот: Разговор со Силвана Димитриевска

Во свет каде времето тече побрзо од својот вообичаен тек, местото на поезијата е оставено на ниво на духовна гозба која ја искусуваат малкумина. Местото на поезијата во општеството, па и во „светот на уметностите“ отсекогаш било дискутабилно.

Во својот дијалот „Политеа“, Платон вели дека Хомер (како поет) треба да се протера од идеалната држава бидејќи поезијата шири заблуди. Во филмот The Philosophers (2013) при нужна евакуација во постапокалиптично сценарио, професорот ги прашува студентите, која е нивната професија. Сите имаат шанса да бидат дел од заштитената зона, во различни сплетови на околности кои го делегираат приоритетот и вредноста, само поетот никогаш не преживува, тој веднаш е отстранет од играта во која се делат улоги, нему му е ускратена дури и можноста да опстане.

Сите овие алегории, ја реактуелизираат древната дилема за улогата и местото на поезијата во општеството и уметноста. Но, факт е дека таа успева да ги преживее и класификациите на „убавите уметности“ и елитната уметност и сите стереотипи што се врзуваат за поезијата. Најмногу важно е што успева да го преживее и светот кој јасно кажува и покажува дека сето она што не може да се материјализира е осудено на пропаст.

Сепак оваа вредносна и морална декаденција, го разбуди поривот за создавање. Авторска експресија, јазик на емоциите, празник на метафоричарите или едноставно форма во која се структурирани нечии мисли, се само дел од дефинициите за тоа што претставува поезијата. Најавторската уметност од сите уметности, која го прави смислено прашањето дали воопшто би постоела поезија, доколку не постојат поетите.

Годинешна добитничка на наградата „Македонска книжевна авангарда”, што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје, е Силвана Димитриевска за нејзиното поетско творештво.

„Македонска книжевна авангарда” претставува македонска литературна награда за ново авангардно книжевно творештво. Досегашните добитници се петнаесетина претставници на најновото, најмладото, најавангардното, најексперименталното и најистражувачкото во современата македонска литература. Наградата ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент” од Скопје, а се доделува за иновативна, експериментална и креативна, односно најдобра книга објавена од млад автор.

 

 

Силвана Димитриевска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на Катедрата за Општа и компаративна книжевност со македонски јазик, а подоцна ја завршила и Едногодишната школа за новинари при МИМ (Македонски Институт за Медиуми). Била координатор на литературниот кружок „Мугри“ и уредник на истоимениот поетски алманах.

Организатор е на повеќе поетски читања и промоции. Застапена е во Антологијата на поновата македонска поезија за млади Пурпурни извори од Сузана В. Спасовска, антологијата Сто без една песна, приредена од Светлана Христова Јоциќ, зборникот на поезија и кратка проза на млади од поранешните југословенски простори Рукописи 30, антологија на млади од поранешните југословенски простори Ван кутије, избор на современа македонска поезија Сарајевске свеске, текст „Антологија на современа македонска поезија“ објавен во хрватското литературно списание Могућности  и други.

Пишува поезија, кратка проза, есеи и хаику стихови објавени во првото македонско хаику списание Мравка. Автор е на антологијата Ангели со пет крилја, издадена во рамки на Струшките вечери на поезијата. Се јавува како рецензент на неколку збирки поезија од млади, но и од веќе реномирани автори.

Токму по тој повод, редакцијата на Радио МОФ разговараше со Силвана Димитриевска, овогодинешната добитничка на наградата „Македонска книжевна авангарда“.

Поезијата е една од најстарите форми на уметност, која успеала да ги преживее сите „премрежја“ и кризи, вклучително и алегориското протерување на Хомер од „Идеалната држава“ на Платон. Тоа покажува дека антополошки гледано, човечката потреба од убавото и уметноста во форма на поезија е вечна.

Да се зборува за значењето на поезијата, не само во современ, туку и во било кој контекст е како да се зборува за постоењето на воздухот и водата, бидејќи за поезијата (от)секогаш велиме дека таа е безвременска. И како што воздухот и водата се неопходни човек да биде жив во физички поглед, така поезијата е неопходна за да ни биде духот жив. Не само заради нејзините естетски вредности, нејзината моќ да ја (пре)создава убавината, туку и заради нејзината моќ да лекува, вели Димитриевска за Радио МОФ.

Димитриевска откри дека потребата од поезија е инхернтна човечка потреба, која не познава околности. Таа е актуелна во денешен контекст независно од условите како што била потреба и на човекот од Антиката. Но сепак забележува дека, денеска поезијата е многу попoтребна. Како правец, како насока, како ориентир.

На човекот денеска му е потребна поезијата повеќе од било кога претходно. Можеби затоа се наоѓаме во време во кое поезијата како да се наоѓа некаде помеѓу генијалниот цитат на Фридрих Хелдерлин „чуму поети во скудно време” и извонредната забелешка на Бранко Миљковиќ „поезију че сви писати”. Но, тоа е веќе тема за една поинаква и подлабока дискусија, истакнува Димитриевска.

Според достапните податоци на ДЗС во 2023 година во Македонија се издадени околу 9.000 книги. Од нив, приближно една третина припаѓаат на категоријата убава литература (романи, раскази, поезија, драма). Поезијата во рамки на оваа категорија учествува со мал дел, што значи дека има неколку стотици поетски наслови, односно приближно меѓу 3% и 8% од вкупниот број издадени книги.

Во 2024 година вкупниот број на издадени книги повторно се движи околу 8.800 до 9.000 наслови. Од нив, околу 3.000 се од областа на убава литература. Поетските книги и тука претставуваат мал сегмент, со проценка од околу 300 до 600 наслови, што е приближно 3% до 7% од вкупното издаваштво.

Ако ги оставиме на страна нејзината естетска функција, способноста да говори за невидливите нешта помеѓу небото и земјата, да допира до најдлабоките слоеви на човековата душа, да биде негово огледало… За мене функцијата на поезијата е постојано да го предизвикува јазикот создавајќи нови структурни форми и значења, да ги предизвикува општествените, социолошки и културолошки состојби и сфаќања, гласно да поставува прашања за кои не треба да се молчи… Имено, историски гледано најпознатите поетски дела настанале како отпор кон одредени состојби и случувања во општеството, коментира Димитриевска.

Сепак, како што истакнува и самата авторка, поезијата е место каде што може да се менува, влијае, апелира и притоа целосно да се задржи слбодата, интегритетот и себството. Место каде што се прави „љубовно востание“, се демистифицира човечкото лицемерие и е место каде не постојат предрасуди и осуди, како што вели Димитриевска.

Тоа е таа страна на поезијата која разобличува, менува, влијае… Што јас како поет посакувам поезијата да го смени во светот како идеалистичка замисла? Да крене „љубовно востание” како она на Светлана Христова Јоциќ; да ги симне маските на светот и да биде како „Слободата чекори гола” на Марам ал Масри; да нè обедини бидејќи сите ние сме исти, мали прашинка сочинета од љубов.

Разговорот го завршува со поетичен цитат кој ја опфаќа смислата на денешниот разговор за поетското творештво.

Како што би рекол Калил Џибран „Во длабочината на душата, сите зборуваме ист јазик — поезијата само нè потсетува на тоа.“

Разговорот е продолжение на свртување на вниманието кон значењето на поезијата како еден од главните апели на УНЕСКО истакнати по повод Светскиот ден на поезијата кој се одбележа пред три дена. Прпознавајќи го суштинското значење на поетското творештво УНЕСКО во 1999 година, за време на 30-тата сесија на УНЕСКО во Париз во 1999 година токму денешниот датум 21 Март бил прогласен за Светски ден на поезијата. Денот на поезијата често се слави заедно со денот на пролет, како симбол на новото раѓање и оптимизмот. Целта на денешниот Светски ден посветен на поезијата е промоција на читањето, пишувањето и објавувањето поезија, како и негување на културните различности преку стихови.

Магдалена С. Константинов