Учениците, родителите и наставниците во бунило како ќе се одвива наставата

Кога ќе почне учебната година? Ќе се одложи ли и на колку време? Ќе се одвива онлајн, физичка или комбинирана настава? Многу прашања, а малку одговори за учениците, родителите и наставниците. Сите се збунети, вовлечени во неизвесност, принудени да чекаат конечна одлука, иако се ближи 1 септември. Од една страна надвиснуваат технички проблеми за одвивање на е-настава, друга страна е социјализацијата е важноста на училишните клупи, но од трета е прашањето колку државата има капацитет да спречи, или ќе лечи нови заболени од Ковид-19 ако избрза да ги отвори школските врати. 

Марко Инѓилизов е ученик од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес. Кога завршила претходната учебна година, вели тој, очекувале Министерството за образование (МОН), Бирото за развој на образованието (БРО) и сите останати заедно во летниот период да работат на усовршување на наставата, за да почнат од септемри. Но, тој и врсниците немаат никакви информации и се чувствуваат збунето, истовремено и навредено.

„Не само министерството, туку и другите институции го оставаат образованието на маргините, со тоа илјадници ученици се во исчекување. Имаме многу деца од рурални средини кои воопшто немат услови ако наставата се одвива онлајн“, вели Инѓилизов.

Според него, дигитализацијата е на многу ниско ниво. Смета дека требало летото да се искористи за обуки со кои професорите би ја подобриле положбата кон технологијата.

„Најдобар начин е годинава да почне онлајн, но со обука на сите професори, со унифицирана платформа која сите би знаеле да ја ракуваме. Истовремено, професорите не да предаваат од дома, туку од своите училници со камера и технолошки помагала. Тие (предавањата нз.) понатаму ќе останат на интернет и училиштата ќе можат да ги употребуваат“, смета тој.

Сега, вели Инѓилизов, наместо да се бара вината меѓу институциите и професорите, важно да се најде начин како како да продолжи образованието за сите деца. По него, проблемот е тоа што сите имаа различни дефиниции за тоа што претставува онлајн настава.

„Главната одбивност и аверзијата на опонентите на онлајн наставата е токму поради лошото искуство и погрешната перцепција. За некој професор значеше во недела навечер да ни прати домашно, но за друг беше одржување на видео-конференциски часови, каде сите можевме да слушаме и научиме. Значи, функционирање по распоред, по видео часови по сите предмети“, забележува тој.

За средношколка од Скопје, Ана Б., целата ситуација е конфузна. Исплашена е за здравјето, но истовремено вели дека ако младите од септември не тргнат во школо, со онлајн настава „само ќе се залежат, ќе станат непродуктивни и неписмени“.

„Друго, мои врсници веќе се собираат по паркови, по домашни журки, излети, на Градиште… Многумина гледам прашуваат – која е разликата ако се собираат и во школо?! Но, која е гаранцијата и дека ќе почитуваат здравствени мерки?! Истовремено, ние што пазиме и не излегуваме, дремеме цело време дома. Не е лесно. Електронското учење и настава можеби нема да го замени дружењето во школо, но може да спречи ширење на пандемијата. Ова е сложена ситуација, за сите“, вели таа.

Сојузот на средношколци бара комбинирана настава

Сојузот на средношколци се залага за комбинираниот метод на организирање на наставата. Учениците да се менуваат на смени. Дел да следат настава од дома, а останатите во училници со засилени хигиенски мерки и задолжително носење маски.

Комбинираниот пристап, велат од Сојузот, е поради три клучни причини: заштита на здравјето на учениците, наставниците и сите инволвирани, второ – да се одржи квалитетот на наставата, но и да се превенираат пошироките негативни општествени импликации, доколку училиштата останат затворени.

„Комбинираниот метод ќе биде најефективен. Ем ќе се задржи факторот на редовно одржување, ем ќе биде присутна и социјализацијата. Во периодот мај-јуни спроведовме анкета со средношколци од цела Македонија. Околу онлајн наставата, дури 84% сметаат дека не секој има пристап до ИТ технологија. Подоцна, повисоки бројки имаме и кај покачена стрес и анксиозност, но, исто така, повеќето мислат дека оценувањето било само формалност. Ова е поддржано и од други анкети. Така што, сметаме дека онлајн наставата беше катастрофа. Ако продолжи како таква, може да има негативни ефекти врз менталното здравје, но и да се прошири врз економската продуктивност, општествената кохезивност и други фактори“, вели Лука Павиќевиќ од Сојузот.

За Павиќевиќ е важно кога се гледа на онлајн наставата и предизвиците што произлегуваат од неа, да се размислува за изолирани случаи, и за системски проблеми.

„Една куќа – село не гради! Тоа мора да го научиме. Бидејќи, по секое училиште има барем по еден наставник што позитивно предавал, се мачел да одржи настава за учениците. Друго, на пошироко и поорганизирано ниво, како Сојуз на средношколци не бевме консултирани, нема разговори меѓу нас и СОНК, ниту некоја неформална група на наставници не контактирала, ниту самиот МОН. Имаме по 15-16-17 години, зрели сме да размислуваме за себе. На крај на краиштата, кога се носи одлука, мора да биде вклучена и засегнатата страна“, забележува претставникот на Сојузот на средношколци.

Да немаш стратегијата за образование, исто како да немаш држава“

Ирена Цветковиќ е активист и мајка на девојче што треба да тргне во петто одделение. Таа разбира дека кризата сите ги дочека неспремни. Меѓутоа, вели Цветковиќ, од моментот кога децата ги напуштија школите, министерството оставило училиштата сами да се снаоѓаат како ќе се одвива наставата.

„Конкретно во мојот случај, тоа значеше дека дома пишуваме домашни, сликаме и праќаме на Вибер, на секојдневно ниво. Кај секој беше различно. Некои ученици имаа настава пред компјутери, некои праќаа еднаш неделно. Таа несистематичност направи да има разлика и во квалитетот на образованието“, реагира Цветковиќ.

Од аспект на родител, чека од попаметните и постручните да кажат за моделите, за физичко присуство или онлајн настава. Сепак, кое сценарио и да се одбере „нам ни треба време да се адаптираме, да испланираме и да се припремиме со потребните ресурси, планови и стратегии“.

„Јас не знам дали моето дете ќе тргне од 1 септември? Јас сум самохран родител. Кој ќе го чува моето дете?! Ако не тргне, ќе треба да се справам некако на работа. Доколку тргне, колку ќе траат часовите? Заради ризикот од пандемијата, не можеме да ги вклучиме ниту постарите членови на семејството да преземат грижа за детето. Сите знаеме дека децата во училиште се извори на вируси и бактерии, тоа не е тајна. Претходните години моето семејство редовно фаќаше вируси од ќерка ми од школо. Поради тоа, не можам да се потпрам врз бабите и дедовците, морам да направам план. Доколку дома се одвива школото, тоа значи реорганизација. Децата ќе бидат дома, значи и јас ќе седам дома. Не може дете на таа возраст да седи само дома по 8-9 саати“, потенцира Цветковиќ.

За неа, немањето одговори и никаква стратегија „ги става родителите во лудило“.

„Се’ што се случува во моментот, е тоа што илјадници родители на своите Вибер групи, што си ги имаме во одделенијата, стануваат хистерични. А, ниту наставниците знаат нешто, ниту ние, ниту децата. Да немаш стратегијата за образование, исто како да немаш држава“, смета Цветковиќ.

Со онлајн петиција, на која досега веќе се потпишани околу 3.500 граѓани, се бара новата учебна година да се одвива преку настава од далечина. Нејзини автори се група родители кои уште на 10 август упатија и официјално барање до институциите да донесат одлука наставата да се одвива онлајн за сите ученици.

Преку онлајн петиција родители бараат настава од далечина во новата учебна година

„Единствено со онлајн настава ќе се заштитат децата, наставниците, родителите и нивните блиски, вработените, ризичните групи и целата популација. Моделот што имавме можност да го видиме, а вклучува 2 часа дневен физички престој во училиште, под маски и физичка дистанца, сменска настава, скратена програма и зимски распуст од 180 денови, е модел кој нема да обезбеди здрава средина за развој, социјализација и едукација и не го поништува ризикот од заразување и изложување на ризик на целокупното население“.

Покрај ова, со петицијата се бара и понатаму да биде дадена можноста еден од родителите на децата до 10-годишна возраст, да биде ослободен од работа или да има скратено работно време.

„Децата сакаат да се гушкаат и да имаат симпатии, тоа е убаво, но не сега!“

Професорката од гимназијата „Никола Карев“, Елвира Мустафа, потенцира дека премногу ги сака своите ученици. Тие и се слабост и би се борела до крајот на животот. Но, нагласува, овде се работи за жива материја.

„И мене ми е досадно, и мене ми се оди во школо. Никогаш не пијам кафе со колешки во канцеларија, но ги разбирам колешките од таков тип и дека им фали тој социјален живот. Но, се работи за жива материја! Владее короната, не можеме да го изоставиме тој факт. Живееме во опасно општество, каде секој може да се разболи и не знаеме кој ќе биде крајниот ефект, дали ќе заврши со смртност, или не. Многу е страшно. Јас сум и родител, и наставник. Како родител, никако не би дозволила моето дете да оди во школо. А, бидејќи како професор се грижам за тие деца, јас би рекла – не, не сега!“, нагласува Мустафа.

Според неа, може уште малку да се стрпат сите, да се балансира ситуацијата и изнајде соодветен модел, но не во училиште. Смета дека младите ќе сакаат да имаат блискост, да се гушнат, да бидат еден до друг.

„Тие деца се во години кога имаат симпатии, сакаат да го имаат тој социјален живот. Сите тоа сме го поминале. Убаво е тоа, ама, не сега! Меѓу другото, јас предавам и етика на здравје. Моралот ни задава како ние се однесуваме за нашето, така и за туѓото здравје. Не се работи само за мене“, вели таа.

За неа не е сфатливо како нејзини колеги професори во период на пандемија оставале ученици на полагање.

„Маса на луѓе умираат од пандемија, а некој се фатил да го пушти детето на полагање?! Јас на децата им пишав само едно: ‘Да сте живи и здрави. Дај боже да се видиме во септември, прво на кафе да ве видам, живи и здрави’. Можеме да имаме онлајн настава доколку наставниците се ангажираат повеќе. Не е тешко да запишеш дома во тефтер, да направиш некоја презентација. Да им ја пуштиш, направиш дискусија. Имав лично и повикувано и психолози и од невладините центри на час, со цел секој човек да биде поддршка на нивната психолошка свест“, вели Мустафа.

Деан Илиев, редовен професор на „Св. Климент Охридски“ од Битола и доктор по педагошки науки, потенцира дека се наоѓаме во сложена ситуација. Покрај епидемиолози, инфектолози, комуникациски експерти, голем дел од товарот треба да падне и врз педагозите. Тие да решат дали и колку е можно педагошките и дидактичките прашања да бидат реализирани, остварени во целост преку онлајн наставата.

„Интересно е што учењето на далечина се сведува на онлајн учење, или користење на компјутер во учењето, а не се разгледуваат други можности. Треба да се доразвива педагошка комуникација, иако се инсистира на онлајн учење. Тоа значи, да се почитуваат социјалните аспекти на учењето, вредностите кај децата, да се влијае врз развојот на тие вредности, меѓучовечките односи да се развиваат“, вели Илиев.

„На два маса имаме две зла – модели на настава, но тие не се мерат кое е поголемо“

Дека ситуацијата е сериозна и дека веќе нема време за размислување алармира и Тамара Ќупева, професор и истражувач од областа на образованието и комуникациите.

Според неа, на маса имаме две зла (модели за настава), па бидејќи премногу време се чекало, тие не се мерат кое е поголемо, а кое помало.

„Зошто да бидат социјални групи исклучени од нормална настава? Можеше да се направи план ако се почнеше од март. Да циркулираат, макар по 5 деца. Мора да го има физичкиот контакт. Прва година средно немаат ниту ориентациона недела, ништо. Многу проблеми, исто така за семејствата со децата со попреченост. Мене душа ме боли, изоставува план за различните социјални групи. Плус, 1 септември се ближи. Многу се доцни. На децава документи и свидетелства ќе им бидат невалидни низ светот, нема да не’ земат за озбилно. И, сега, тие што имаат услови, ќе ги пратат на некои курсеви, ќе ги одржуваат во некој континуитет – компјутерски курсеви, јазици и сл. Другите – што ќе прават!?“, прашува Ќупева.

Ќупева анализира дека пост-КОВИД училиштето е иднината што ни се случува сега. Кризата остави последици по социо-економската, емоционалната и менталната состојба на цели заедници.

Во својот Извештај, користејќи ги податоците од 157 земји, Светска Банка потврди дека глобалното ниво на квалитет на школување на децата ќе опадне. Со затворањето на училиштата, најпогодени ќе бидат ниските и средноразвените земји, каде сѐ поочекувано е песимистичко сценарио и пад на многу вредносни параметри. Се разбира, доколку не се превенираат проблемите и посебно, последиците од овој процес.

„Сите овие состојби ги алармираа владите да пристапат кон креирање стратегии за ефективно учење на далечина, користејќи притоа повеќестрани образовни солуции, како телевизија, мобилни/ дигитални алатки, наставни планови, принт- материјали за поддршка на родителите и наставниците, обуки за дигитална настава и професионална поддршка на наставниците“, анализира Ќупева.

Соочени со состојба што можеби ќе трае подолго од сите предвидувања, голем дел од земјите пристапија кон отворање на училиштата. Досега, повеќе од 70 земји ги објавија плановите за враќање на децата во училиште, притоа потенцирајќи ги неколкуте сценарија што би се активирале во евентуална промена на здравствената состојба во соодветната земја.

„Организацијата на тој процес се покажа како многу комплексен и тежок предизвик, но користејќи ги ресурсите на развиени држави, тие засега одржуваат некаков континуитет. Во тие модели (физичко присуство, комбинирана настава и сл.) акцентот беше ставен на развојот на психолошките и социјалните аспекти на наставата и емоционалната и ментална поддршка на децата и родителите“, анализира истражувачката.

Според здравствените статистики, до 11 август, нашата земја беше на 11 место на европската листа по број на заболени на 100.000 жители. Пред нас се земјите како Белгија, на седмо и Шведска, на третото место.

„Овие земји, ги отвораат училиштата со целосна превентивна програма и во насока на враќање на децата во физички простор за учење. Ова нѐ води кон фактот дека долгогодишните инвестиции во нашата земја, во тој и таков обем – не успеале да обезбедат услови за имплементација на мерките“, потенцира Ќупева.

Што вели домашното истражување на МОН и УНИЦЕФ?

Истражувањето што го објавија МОН, БРО, УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и Реактор покажа дека досегашното далечинско учење донесе одредени проблеми.

Пример, над половината од наставници, 54% проценти, забележале зголемување на бројот на ученици кои имаа тешкотии или не успеваат да го усвојат тоа што им било предавано при далечинското учење.

Мнозинството наставници, 77 проценти, во некој момент за време на учењето на далечина не можеле да стапат во контакт со некои од учениците. Исто така, според анкетата, мнозинството наставници изјавиле дека им е потребна обука и дополнителна поддршка за да го спроведат учењето на далечина. Како приоритет, дури 62% оставиле забелешки за пристапот до дигитални наставни материјали.

Мнозинството анкетирани родители имале потешкотии да ги поддржат своите деца за време на учењето на далечина – 61 процент се изјасниле дека нивните работни обврски ги спречувале да им посветат дополнително време за онлајн учењето

Од друга страна, покрај ова, истражувачите тврдеа дека мнозинството директори, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со физичко присуство или комбиниран модел – училница и учење на далечина.

И покрај големиот број критики од јавноста, од МОН и БРО се пофалија дека во моментов работат на подготовка на видео-содржини за септември и октомври заедно со дел од наставниците, а потоа ги верифицират и истите се поставуваат на порталот ЕДУИНО.

Според БРО, до 13 август се изработени 60% од назначените содржини за септември, во средно гимназиско образование 50% и во средно стручно образование 30% изработени/снимени видео лекции/содржини за далечинско учење/он лајн настава.

„Значајно е дека на порталот ЕДУИНО се поставува и нова функционалност Е-распоред преку којашто ќе им помогнеме и ќе им изработиме распоред за настава од далечина на сите училишта коишто на тој начин ќе ја реализираат наставата. Веќе дописите се испратени до училиштата, тие ги испраќаат бараните информации и се изработуваат профилите за секое одделно училиште“, соопштија од БРО.

Бирото тврди дека деновиве поставила обука на далечина за наставниците за користење и креирање основни алатки за наставата, а во тек е процесот за акредитација на програми за обука од областа на учењето на далечина. Тие би се реализирале со почетокот на учебната година и би им биле поддршка на наставниците при реализација на наставата.

„Исто така, во преговори сме со УНИЦЕФ и со други организации за поставување и организрање вебинари, упатства, дополнителни материјали за образование на далечина со цел наставниците да можат да се усовршуваат во таа насока и да им бидат од корист при секојдневната работа“, велат од БРО.

Досегашни образовни активности на државата за кризата?

МОН во март го најави воведувањето на прва национална платформа за далечинско учење. „Е-училница“. Како што тврдеше министерот Арбер Адеми, платформата се прави по примери во регионот, особено Хрватска, каде, рече тој, се покажала како практично применлива и ефективна.

Во меѓувреме стигнаа забелешки за опфатот на децата до интернет и како ќе бидат тие оценувани во кризата, но министерот тврдеше дека „цела Македонија е покриена со интернет“. Апелираше до родителите и учениците кои немаат ИТ уреди, паметни телефони – да пријават.

Беше воведена и воспитно-образовна програма на МРТВ.  Едукативна програма беше наменета за основците и децата од претшколска возраст, со цел да се надополни дел од наставната содржина поради отсуството од училиште и градинка.

Во мај, министерот Арбер Адеми формираше работна група за изготвување Концепција за учење на далечина. Концепцијата наиде на повеќе забелешки, а од БРО велат дека нејзиното имплементирање е во рацете на ресорното министерство.

Младински образовен форум (МОФ) даде пропораки за дополнување на Концепцијата и спроведе фокус-групи. Од МОФ потенцираа дека е потребно да се опфатат и обезбедат потребите за учење на учениците со попреченост. Понатаму, да се дополни со грижа за менталното здравје на учениците, работа на училишните психолози.

Исто така, потенцираа и за фиксните распореди на часови и додатна настава за учениците – сосема веројатно е дека од различни причини дел од учениците може да заостанат со наставата.

Обезбедување на е-учебници, материјали за учење и однапред подготвени дополнителни материјали за учениците, предвидување на содржини за онлајн безбедност, но и програми за ранливи групи беа само дел од забелешките за Концепцијата.

Последно беше тоа што МОН објави упатство за чистење и дезинфицирање на училишните згради, со цел, како што рекоа, тие да бидат спремни да ги примат учениците.

Бојан Шашевски