Истражување: Далечинското учење со низа проблеми за наставниците, родителите и учениците

Досегашното далечинско учење донесе одредени проблеми во однос на технологијата и опремата, контактот со учениците и она што им било предавано, а мнозинството наставници бараат обуки и дополнителна поддршка. Истовремено, мнозинството директори, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со физичко присуство или комбиниран модел – училница и учење на далечина.  

Ова се дел од заклучоците врз основа на првичното истражување „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“, кое денес го објавија Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образованието (БРО), УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и Реактор – Истражување во акција.

Првичните резултати се засновани на околу 10.000 анкетирани, но без ученици.

На брифинг за новинари, Марија Башевска рече дека над половината од наставници, 54% проценти, забележале зголемување на бројот на ученици кои имаа тешкотии или не успеваат да го усвојат тоа што им било предавано при далечинското учење.

„Мнозинството наставници, 77 проценти, во некој момент за време на учењето на далечина не можеле да стапат во контакт со некои од нивните ученици“, истакна Башевска.

Според анкетата, мнозинството наставници изјавиле дека им е потребна обука и дополнителна поддршка за да го спроведат учењето на далечина. Како приоритет, дури 62% оставиле забелешки за пристапот до дигитални наставни материјали.

„Мнозинството анкетирани родители имале потешкотии да ги поддржат своите деца за време на учењето на далечина – 61 процент се изјаснија дека нивните работни обврски ги спречувале да им посветат дополнително време за онлајн учењето“, рече Башевска.

Пристапот до интернет и до компјутерска опрема, исто така, бил пречка за некои домаќинства.

„37 проценти од родителите изјавиле дека децата мора да делат лаптопи или компјутери со други членови на семејството, а други дека немаат стабилен интернет. Само 5 проценти немале пристап до лаптоп или компјутер“, нагласи Башевска.

Според истражувањето, речиси 59% од директорите, 58% од наставниците во основното, 48% од средно образование и 46% од анкетираните родители поддржуваат настава во училница според протоколите. Меѓу 33 и 38 проценти од сите анкетирани поддржиле комбиниран модел на настава во училница и од далечина.

Останатите барале наставата да биде онлајн.

Министерот за образование, Арбер Адеми рече дека се подготвуваат наставата да започне од 1 септември, дека сите протоколи се креираат преку инклузивен пристап со засегнати страни за да има издржани решенија. Оттука, нагласи тој, преовладува оптимистично мислење дека учебната 2020/2021 би продолжила во училниците.

Смета дека истражувањето е релеватно и добиените резултати ги сумираат искуствата на директорите, наставниците и родителите.

„Дел од овие резултати, се веќе интегрирани во плановите и политиките кои се однесуваат на начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во иднина, кој повеќе од јасно е дека мора да се прилагодува на новата реалност, на новите и невообичаени услови за едукација за сите нас, а притоа да ја задржи својата основа функција и цел. Останатиот дел од наодите од истражувањето ќе се интегрираат, народски кажано, во од и зависно од потребите“, рече Адеми.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, нагласи дека по затворањето на училиштата и градинките, образовниот систем брзо се преориентирал кон далечинско учење.

Тоа, вели таа, било важно за децата да не заостанат многу со учењето.

„Има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта, со долгорочни последици врз  учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата. Доколку отворањето на училиштата не ни е приоритет ќе забележиме назадување во образовните придобивки стекнати во последните години“, рече Џовани од УНИЦЕФ.

Таа даде и предлози да владата и партнерите. Посочи дека „без амбициозни дејства во образованието и решително насочување кон најранливите деца, пандемијата на Ковид-19 уште повеќе ќе ја продлабочи тековната криза во учењето со катастрофални последици за генерации на ученици, како и за економската продуктивност и социјалната кохезија“.

„Да се гарантира дека училиштата се меѓу првите институции кои ќе се отворат по затворањето поради КОВИД-19 и да обезбедат еднаков пристап до квалитетно учење за повеќето ранливи деца, вклучително и преку инвестирање во дигитална поврзаност за секое дете. Да се изработи план со различни модалитети што ќе им овозможи на локалните власти да гарантираат дека сите деца се или на настава во училиште или имаат достапност до унифициран пристап кон учење на далечина или комбиниран пристап на учење на далечина и во училница со почеток од септември“, нагласи таа.

Побара и да се преосмисли учењето и наставата, така што секое дете ќе продолжи да стекнува вештини во животот и работата. Исто така, да се стави приоритет на инвестициите за обука на настаниците и поврзаност со интернет, а буџетот за образоание да се зголеми и гарантира дека финансирањето е насочено кон најранливите.

Инаку, заменичката на Народниот правобранител, Васка Бајрамова Мустафа, упати мислење  до МОН во кое истакнува дека императив за надлежните е да ги остварат сите предуслови за дигитализација на наставата, но при тоа таа да биде достапна за сите ученици.

Таа во својот допис укажува дека не треба да се занемарат учениците кои имаат проблеми да се адаптираат на учењето од далечина, поради недостатокот или целосната оневозможеност да пристапат до онлајн платформите за учење, односно од причина што немаат технички средства и интернет конекција за комуникацијата со своите наставници.

Бојан Шашевски