Адеми: Се подготвуваме за учебната година од 1 септември, владее оптимизам за настава со физичко присуство

„Ние се подготвуваме за почеток на учебната година од 1 септември. Протоколите и сите модели за организирање на наставата се подготвуваат преку инклузивен пристап, се консултираат сите засегнати страни за да имаме издржани решенија. Оттука, преовладува оптимистично мислење во Кризниот штаб, Владата, меѓу колегите, но и во образовните институции да започне учебната година со физичко присуство, рече денес министерот за образование Арбер Адеми на брифинг со новинарите.

Досега се споменуваа дека во опција се комбинирани модели за септември – онаму каде нема заразени од коронавирусот, таму наставата да се одвива со физичко присуство. Истовремено, на местата каде има зголемен број на случаи – таму да тече онлајн настава, која досега се соочи и со технички предизвици.

Според Адеми, до 1 септември има време да се изнајдат соодветни решенија и да се подготват училиштата да ги испочитуваат протоколите.

„Нацрт-протоколите еднаш се разгледани од Комисијата за заразни болести, дадено е зелено светло. Оваа недела, во средата, дискутиравме за сите модалитети во главниот Кризен координативен штаб за организирање на наставата од следната учебна година. Овие денови се’ ќе се финализира и искристализира. И од СОНК побаравме предлози кои вчера ги пратиле. А, после тоа, следна фаза е уште еднаш во Комисијата да се разгледаат протоколите, па на Влада конкретно да се одлучи за кој модел и во кои околности, во која епидемиолошка состојба би се активирал конкретниот модел“, рече Адеми.

Дел од родителите изразија загриженост за настава со физичко присуство и не сакаат да ги пуштат децата на училиште. Адеми вели дека и досега, за било какво солуција или решение на министерството или Владата, доаѓало отпор од луѓе и „понекогаш причините се издржани“.

„Иако се соочуваме со вакви непријатни околности, рековме подобро да продолжиме, подобро нашите деца и млади луѓе да бидат ангажирани, максимално посветени и на такви услови да продолжи нивната образовна надградба, па и на крај, како и светот, да ја заокружиме учебната и академска година. Секако дека родителите што го оспоруваат начинот на реализирање на наставата со физичко присуство, ние внимателно ги следиме и сериозно ги анализираме нивните ставови“, тврди Адеми.

Во однос на можните проблеми за училиштата каде има над 40 деца по одделение, тој смета дека решение е држење на физичка дистанца или поделба на учениците во повеќе групи.

„Или да се зголеми бројот на смени, да организира образованието во согласност со протоколите, ова е едно од решенијата модалитети  кои ќе се разгледаат наредните денови“, рече Адеми.

Што се однесува до буџетотот на училиштата и општините за да можат да подготват настава, Адеми вели дека тие се поддржани и од националниот буџет со блок дотации. Односно, тие не содржат само плати за наставниот кадар, туку и за одржување на училиштата.

„Општините имаат средства, а во контакт сме и со ЗЕЛС“, рече тој.

Според Адеми, пандемијата овозможила да се надградуваат дигиталните вештини, а во минатото имало обуки со групи на наставници на градење на дигитални вештини.

„Ние и вработуваме лица низ училишта за одржување на комјутерска опрема, но има можност и за обука на настаници пред почеток на учебната година“, кажа министерот.

Инаку, МОН деновиве објави и упатство за чистење и дезинфицирање на училишните здради, со цел тие да бидат спремни да ги примат учениците.

МОН објави упатство за чистење и дезинфицирање на училишната зграда

Бојан Шашевски