МОФ со препораки за Концептот за далечинско образование

Младинскиот образовен форум (МОФ) организираше фокус-групи со средношколци со цел прибирање на податоци и создавање на реални препораки за иднината на далечинското образование, поаѓајќи од потребите и искуствата на самите ученици, а во врска со предложената Концепција за далечинско образование на Министерството за образование и наука.

Во продолжение ви го пренесуваме соопштението на МОФ и нивните препораки во целост:

„По објавувањето на Концепцијата за образование на далечина од страна на Министерството за образование и наука, Младински образовен форум изработи препораки за дополнување на концепцијата и спроведе фокус-групи за споделување на искуствата и потребите на средношколците во врска со далечинското учење.

Значајно е тоа што документот содржи добра разработка на образовните промени, поткрепени со извори и статистички податоци за досегашниот глобален резултат на далечинско образование, како и објаснување на некомплетната информатичка инфраструктура во образованието. Но, она што недостасува се конкретни насоки и планови за како ќе се спроведе образовниот процес во Република Северна Македонија започнувајќи од септември 2020 година и поголем фокус на понатамошниот развој на далечинското образование. По спроведените анализи и фокус-групи со средношколци од 5 града од 9 училишта на национално ниво (во текот на јули 2020 година), би сакале да потенцираме и да апелираме за дополнување на Концепцијата во насоки на инклузивност на образовниот процес, грижа за менталното здравје и состојбата на учениците преку стручните служби, градење на капацитетите на професорите за работа на дигитални платформи и виртуелна работа со ученици, решавање на проблемот со недостаток на компјутерска опрема во семејствата со ученици, но и создавање на конкретен план и програма за компетенции кои Концепцијата цели да ги изгради и развие кај учениците во оваа академска година:

Потребно е Концепцијата да ги опфати и обезбеди потребите за учење на учениците со попреченост. Како земја која ја има ратификувано Конвенцијата на ОН за права на лица со попреченост и претендент за инклузивно образование, не смее да се испушти оваа категорија во документот. Досегашните програми на далечина не беа достапни за учениците со попреченост, па токму затоа потребно е да се води сметка да се направат образовните содржини пристапни за овие лица. Пример за ова се обезбедување на користење на знаковен јазик и субтитли, соодветни формати за читачи на текст за слепите лица, лекции и задачи во аудио верзија, издавање на материјали на Брајово писмо, адаптирани веб страници за слепи/слабовидни лица и лица со ограничена мобилност итн.Оваа категорија на ученици не смее да биде запоставена во далечинското учење, особено како веќе загрозена категорија.

Дополнување на Концепцијата со грижа за менталното здравје на учениците, работа на училишните психолози во рамки на образованието на далечина. При потреба од далечинска настава, разумно е да се претпостави дека е попречена социјализацијата на учениците, а воедно постојат и низа други социјални и психолошки предизвици со кои се соочуваат. Поради ова, важно е да се утврди потребата од обезбедување психолошка поддршка, советување и мерки за грижа за менталното здравје. За обезбедување на оваа функција на далечинското образование, потребно е не само да се осигура лесна комуникација на училишните психолози со учениците, туку уште поважно – да се обезбеди обука на професорите за бихејвиоризмот на учениците во новата учебна средина и појавите во неа (како на пример онлајн врсничко насилство, сајбер безбедност и слично).

Фиксни распореди на часови и додатна настава за учениците – сосема веројатно е дека од различни причини дел од учениците може да заостанат со наставата. Важно е Концепцијата да обезбеди структуриран принцип на учење, преку редовни часови во првата половина од денот, простор за индивидуално совладување на содржините во втората половина од денот, како и да гарантира додатна настава (по редовните часови). Особено е важно да се планираат редовни консултации со предметните наставници и следење на индивидуалниот напредок кај учениците, а истовремено да се забрани праксата на комуникација наставници-ученици во вечерните часоци и за време на викендите.

Обезбедување на е-учебници, материјали за учење и однапред подготвени дополнителни материјали за учениците – фокусот треба да се стави на објавување на сите постоечки учебници, обезбедување на авторски права на институциите за издадените учебници и креирање на политика преку која авторските права на сите идни учебници (кои се со јавна функција и финансирани од јавни средства) ќе бидат сопственост на јавните институции, а со тоа и достапни за користење без интернет поддршка (да се преземаат од интернет). Дополнително, треба да се предвиди дата-база со достапни дополнителни материјали кои ќе бидат филтрирани и одобрени од страна на надлежните лица. Оваа дата-база да може да се користи за истражување и информирање на учениците во текот на образовниот процес преку нивна индивидуална работа. При поставување на учебниците и креирање на дата-базите треба да се води сметка да бидат во пребарлив формат и достапни за програми за аудио читање.

Предвидување на содржини за онлајн безбедност – со оглед на тоа што далечинското учење е нешто ново во нашиот образовен систем, потребно е не само професорите туку и учениците да се зпознаат со онлајн безбедноста, споделување на податоци и грижа за безбедноста на податоците кои ги оставаат онлајн.

Програми за ранливи групи и обезбедување на технологија за учениците во ранливи категории – со огледа на фактот дека основното и средното образование се задолжителни, при далечинска настава институциите мора да се погрижат сите ученици да имаат пристап до настава. Ова може да се направи преку анкети и вршење попис на опрема во училиштата, за неискористената опрема од училиштата да може да се дава на времено користење на ученици од загрозени семејства кои немаат соодветни уреди, повеќе ученици кои се дел од едно семејство и немаат доволно уреди на располагање, наставници / професори кои немаат соодветни уреди. Концепцијата треба да се осврне и на тоа како ќе се земат предвид потребите на ранливите групи и ученици (млади од социо-економски загрозени семејства, ученици со попреченост, ученици кои не добиваат поддршка од семејства, ученици без родители, други), чија социо-економска состојба и маргинализација е дополнително отежната од КОВИД-19 кризата. Потребно е да се предвидат пристапи за идентификување на овие групи, обезбедување на еднаков пристап до образовниот процес и нивна поддршка.

Обезбедување на ефективно следење на наставата, квалитетно, реално и воедначено оценување на учениците – Концепцијата треба да овозможи механизам за обезбедување активно учество и следење на наставата на далечина. Во оваа насока препорачуваме да се адаптира и преслика модалитетот на Safe Exam Browser. Оваа програма, покрај тоа што обезбедува квалитет во начинот на оценување на учениците, би можела да се адаптира и за обезбедување активно следење на наставата од далечина. Во рамки на далечинското учење, мора да се внимава на одржување на активното учество на часовите и предавањата (при што наставниците ќе можат да проценат дали тие го следат предавањето или се само „виртуелно приклучени на часот“), а оваа активност да се засметува во финалната оцена на ученикот. Дополнително, препорачуваме да се изнајдат модалитети за усно оценување со цел развивање на вештините за аргументација, презентирање и критичко размислување кај учениците.

Ревизија на роковите од акцискиот план за активности – Во однос на акцискиот план за активности, апелираме да се ревидираат и скратат предвидените рокови со цел обезбедување на итни мерки и долгорочни активности. Моменталниот план не ја рефлектира потребната агилност на образовните институции – нужно е создавање на ефективно и функционално решение за учебната 2020/2021 година.

Понатаму, првичните наоди од фокус-групите, чиј што извештај ќе биде објавен во текот на следната недела:

Загрижува тоа што начинот на спроведување на далечинското учење не успеа да обезбеди еднакво образование за сите ученици – имплементацијата се разликува од училиште во училиште, па дури и помеѓу професорите во исто училиште „Кај нас секој професор имаше своја дефиниција за далечинско учење. Немаше унифицираност. Само 1 професор се трудеше и другите професори го исмејуваа.“ – споделува еден од учесниците на фокус-групата.

Во текот на далечинското учење, единствен помагател на учениците беа учебниците кои веќе ги имаа на располагање – „Книгите не ми помагаа многу, ми требаше некој да објасни. Многу натежнуваа професорите да се користиме со интернетот, иако треба да се користат и книгите.“ – Иако учебниците во нашиот образовен систем се бесплатни и достапни за сите ученици, во услови на дигитално образование, материјалите за учење не беше лесно да стигнат до сите, учесниците споделија и дека дел од нивните соученици не можеле да стигнат до учебните материјали.

Недостаток на образовниот систем е тоа што голем дел од професорите воопшто не се ни запознаени како да работат со дигиталните платформи за предавање. Во фокус-групите, средношколците споделуваа дека за нивните професори било тешко да ги закажуваат онлајн средбите и дека нивната неподготвеност за работа со технологија сериозно влијаела на онлајн наставата. – „Tребаше да се вклучат повеќе.“; „Професорите не се залагаа. Ние им велевме на немотивираните професори дека ќе организираме ЗУМ средба, а тие треба само да се вклучат.“ – вели еден од учесниците на фокус групите.

Преминот од офлајн во онлајн просторот го отежнува процесот на изведување на настава за сите учесници во процесот (ученици, професори и надлежни институции). Ги изнесува на виделина веќе постоечките проблеми со образовниот систем на државата како недостаток на дигитализација и технолошка неподготвеност на наставниот кадар.

Потенцираме дека во плановите, документите и стратегиите кои се подготвуваат за новата „далечинска“ учебна година е потребно да се внимава на повеќе нешта. Пред сè, мора да се води сметка за инклузивноста на образовниот процес, градење на капацитетите на професорите за работа на дигитални платформи и виртуелна работа со ученици, решавање на проблемот со недостаток на компјутерска опрема во семејствата со повеќе ученици, но и креирање на конкретен план и програма за компетенции кои целиме да ги изградиме и развиеме кај учениците во оваа академска година.

Изминатите месеци училиштата беа оставени сами на себе при изведбата на наставата, изнаоѓајќи различни начини кои не секогаш беа функционални и ефективни во смисла на квалитетно предавање на наставниот материјал. Оттука, токму и поради недостатокот на унифициран пристап и јасни насоки дадени од надлежните институции, учениците беа изложени на настава со низок квалитет, лоша двонасочна комуникација професор-ученик, но и соочени со необјективно и нефер оценување. Истражувањата на Светска банка велат дека во „нормални услови“, 11 години во нашиот образовен систем се еднакви на 7 години стекнато знање – можеме само да замислиме колкави штети и последици ќе остави на денешните ученици и студенти бавното придвижување кон далечинското образование и дигитализацијата“, стои во соопштението на МОФ.