Во Мексико е убиен Адолфо Ерикез, активист кој ги документирал убиствата во еден од најсмртоносните градови во државата.
Тој бил убиен во градот Леон, кој има трета највисока стапка на убиства во Мексико по Тихуана и Сиудад Хуарез.
Енрикез на своите профили на социјалните мрежи се декларирал како „активист, кој бара земја во која ќе владее правото“.
Со години тој објавувал информации за секое убиство во градот Леон, а само неколку часа пред неговата смрт тој напишал „убиство број 55 во Леон во ноември се случи во квартот Маргаритас“.
Тој самиот станал 56-та жртва на убиство во вторникот, потврдиле од локалната полиција, без да дадат повеќе детали за нападот. Државниот обвинител исто така ја потврди смртта, додавајќи дека е отворена истрага.
Локалните медиуми информираа дека во Енрикез било пукано откако излегол од ресторан, а напаѓачот избегал со мотор.
Во октомври во градот Леон имало вкупно 64 убиства, според официјалната статистика.
Енрикез исто така објавувал видеоснимки од кривични дела како грабежи и се обраќал на јавноста за помош во идентификување на крадците.
Активистот доби национално внимание откако во август објави потресно видео од безбедносна камера на кое се прикажува како жена е убиена во напад со нож во Леон. Снимката помогнала властите да го расчистат случајот и да го уапсат човекот кој го извршил убиството.
Леон е индустриски град во кој редовно има територијални пресметки помеѓу нарко-картелот Халиско и локалните банди кои имаат поддршка од картелот Синалоа.
Нападите врз активисти во Мексико се многу чести. Од 2021 година убиени се шест активисти кои барале исчезнати роднини.
Според извештај на невладината организација „Глобален сведок“ Мексико било најсмртоносното место во светот за еко активисти во 2021, со дури 54 убиени лица таа година.