„Убавината на минливоста“ – изложба на Викторија Поповска утре во студиото Приватен принт

„Убавината на минливоста“ е новата изложба од уметницата Викторија Попоска која ќе се отвори утре (7 декември) во студиото Приватен принт во Скопје.

„На изложбата Викторија поставува просторна инсталација од реупотребена хартија, која го исполнува просторот на студиото како симбол за сето она што човекот го создава, натрупува и фрла назад во својата околина. Целокупниот проект ‘Убавината на минливоста – изјава за антидела’ се основа на преомислување на личниот и професионалниот удел на уметникот во создавањето и натрупувањето дела и предмети во средината во која работи и живее“, се вели во најавата за изложбата.

Од студиото Приватен принт кои на овој проект работеа заедно со Поповска информираат дека проектот ќе резултира и со уметничка книга.

„Во книгата нејзината идеја се реализира како уметнички дневник и обид гласот да се прошири до поширока публика. Книгата ќе се појави наскоро по отворањето на изложбата и ќе биде достапна да се купи во нашето студио и во книжарниците каде што редовно дистрибуираме“, велат оттаму.

Изложбата по отворањето ќе може да се погледне до 17 декември, од 12:00 до 18:00 часот, секој ден освен недела.

Викторија Попоска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и е добитник на наградата за млад ликовен уметник на Националната галерија на Северна Македонија во 2020 година, по што ја поставува изложбата „Сеништа“ во објектот Мала станица, Скопје. Таа в својот процес на работа вклучува акции на чистење, селекција на материјал и разградување на непотребниот материјал. Досега има направено неколку самостојни изложби во Струга и во Скопје, а учествувала и на повеќе групни изложби во државата и во странство.