Туристичката сезона во Охрид е во полн ек, а водата во Охридското Езеро во крајбрежниот дел според испитуваните параметри е од прва и втора класа, односно е оценета како одлична, велат од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) за Радио МОФ.
Ова е резултат на физичко-хемиските и микробиoлoшки анализи на 30 примероци на водата земени во втората половина на месецот јули.
„На 30 мерни точки-пунктови е вршена контрола на квалитетот на водата во крајбрежниот дел од Охридското езеро, од македонска страна од Св.Наум до селото Радожда“, појаснија од ЦЈЗ.
Разликите во квалитетот на водата каде што е испитувано се незначителни, велат оттаму, и додаваат дека според Уредбата за класификација на водите, води со прва и втора класа можат да се користат за капење, спорт и рекреација.
Туристичката сезона во полн ек
Главниот туристички центар во земјава деновиве традиционално е преплавен од туристи. Годинава тоа особено се забележува со големиот број домашни туристи кои одлучија одморот да го поминат во домашните туристички дестинации.
Актуелна тема деновиве беше и отпадот кој во утринските часови можеше да се забележи по охридските улици. Граѓаните преку социјалните мрежи остро реагираа за ваквата состојба. Особено вирална стана објавата на директорот на охридски Комуналец Љупчо Грданоски, на која се гледа расфрлан отпад низ целото градско подрачје.
Dobro utro Ohride
Posted by Ljupco Grdanoski on Friday, 31 July 2020
За време на овие неколку дена ентузијасти спроведоа неколку акции за чистење на градот.
Плажите на крајбрежјето преполни, полицијата казнува за неносење маски
Атмосферата на плажите е „вжештена“ и тие се преполни со луѓе. Според фотографии и видеа кои се споделуваа од една дневна забава на плажа, се забележува дека присутните воопшто не ги почитуваат мерките за заштита. Македонските медиуми известија дека се поднесени две кривични пријави за забави на плажите Градиште два и Градиште три.
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, вчера (3 август) во Охрид биле констатирани 118 прекршоци за неносење лична заштита на лицето. Еден ден претходно пак, биле регистрирани 90 вакви прекршоци.