Трибина „Кој ќе ги ослободи работниците?“ во СЦ „Дуња“

Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот, во социјалниот центар „Дуња“ во среда, на 28 април со почеток од 17 часот е најавена трибина насловена „Кој ќе ги ослободи работниците?“.

„Работниците во Македонија се експлоатирани, доминирани, не се доволно платени за својата работа, им ги кршат и правата што им ги дава законот, им го газат достоинството. Некои од нив едвај успеваат да врзат крај со крај, а некои живеат во сиромаштија, дури и кога се во работен однос. А сепак, слаб е нашиот отпор. Има малку солидарност и здружување за борба, а многумина себеси не се гледаат ниту како работници. Зошто е така? Кој треба да нѐ ослободи? Дали воопшто сакаме да бидеме ослободени? Или само сакаме да бидеме подобро платени? И кој треба да се избори за повисоките плати? Во пресрет на Први мај, Интернационалниот ден на работниците, во услови кога расте невработеноста и сиромаштијата, ве покануваме да продискутираме на овие и поврзаните теми“, стои во најавата за настанот.

Говорници на трибината ќе бидат Здравко Савески, Зоран Василески, Александар Митров, додека модераторка ќе биде Џејлан Велиу. Како што велат организаторите, настанот ќе се одржи во дворот на социјалниот центар, со почитување на сите здравствени мерки.