„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е книга на месецот според библиотека „Браќа Миладиновци“

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го започнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ со романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, а разговорот со авторката ќе се одржи во среда (3 септември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.

„Кампањата започна во септември 2022 година и досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела. Проектот, низ трите препознатливи фази (книга на месецот, разговор со авторот и клуб на читатели) значително го зголеми интересот за современата македонската книжевност низ сите библиотеки од мрежата на ГБСК, па и пошироко. ‘Читаме современи македонски автори’ во 2024 година беше проласена за Промотор на читачката култура од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ)“, истакнуваат од „Браќа Миладиновци“

Во четвртиот циклус од „Читаме современи македонски автори“ предвидени се осум автори и дела. Книгата за месец септември е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (издание на „Арс Ламина“), добитник на Рациновото признание за 2025 година.

„Ова е трет роман за возрасни на Ќорвезироска по ‘Заклученото тело на Лу’ и ‘Аб’т’. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. ‘Три Марии’ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моменталните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него“, велат од библиотеката.

Разговорот со Ќорвезироска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.