Третина од компаниите поврзани со уништувањето на шумите немаат екоалтернативни решенија

Третина од компаниите кои се најодговорни за уништувањето на шумите не презеле никакви мерки за стопирање на отшумувањето, открива нов извештај.

Извештај од „Глобал Канопи“ покажува дека 31 отсто од компаниите кои се најодговорни за уништувањето на шумите не презеле никаква мерка за стопирање на досегашните штетни практики, јавува „Гардијан“.

Оние компании кои имаат преземено некакви мерки не ги следат самопоставените правила, што значи дека отшумувањето за свои интереси сѐ  уште се случува.

„Веќе три години е надминат рокот поставен за 2020 година, според кој бројни компаниите требаше да го спречат отшумувањето. Веќе се ближи и рокот поставен за 2025 година од страна на ОН, според кој компаниите и финансиските институции треба да го стопираат отшумувањето за интерес на компаниите. Рокот мора да се испочитува за да се задржи целта за глобални емисии на 0%, што е важно за стопирање на климатските промени“, се вели во извештајот.

На КОП26, светските лидери се договорија да го спречат отшумувањето предизвикано од синџирите на снабдување. Намалувањето на зелената површина од страна на луѓето претставува речиси четвртина од емисиите на стакленички гасови, кои во голема мера произлегуваат од уништувањето на шумите во светот за производство на земјоделски производи како што се палминото масло, сојата и говедското месо.

Финансиските институции исто така не презеле никакви активности по ова прашање.  Институциите земени предвид во извештајот обезбедуваат 6,1 трилиони американски долари за компаниите во синџирите на снабдување кои предизвикуваат отшумување, а според извештајот „само мал дел од финансиските институции кои се најмногу изложени на уништување на шумите го третираат отшумувањето како системски ризик“.

Деведесет и две (61%) од финансиските институции кои се најодговорни за уништувањето на шумите немаат мерки противотшумувањето, а само 48 (32%) финансиски институции јавно го препознаваат уништувањето на шумите како деловен ризик.

Извештајот ги повика компаниите и финансиските институции да го препознаат уништувањето на шумите како ризик за нивниот бизнис и да започнат со активности за ставање крај на практиката.

Исто така, извештајот бара од владите подобро да го регулираат ова прашање и да ги вклучат финансиските институции во законите. Многу земји се обврзаа да стават крај на уништувањето на шумите според декларацијата од Глазгов за шуми и користење на земјиштето, Парискиот договор и Глобалната рамка за биолошка разновидност. Сепак, повеќето сè уште немаат воспоставено мерки за да го применат ова во пракса.