Европската комисија ја тужи Португалија поради загадувањето на воздухот

Европската комисија ја тужи Португалија поради тоа што не преземала мерки за подобрување на лошиот квалитет на воздухот. Португалија е една од земјите со највисоко ниво на азот диоксид (NO2) во воздухот, што е резултат на патниот сообраќај, особено на дизел возилата. Затоа, ЕУ донесе одлука случајот со Португалија да го изведе пред Европскиот суд на правдата, пренесува „Данас“.

Почитувањето на кодексот на европскиот блок кога станува збор за квалитетот на воздухот е клучно за заштита на граѓаните и зачувување на животната средина, порача ЕУ. Кога една земја ги надминува границите на загаденоста на воздухот, ги сноси последиците.

Португалија „постојано и упорно“ го надминува годишното ниво на дозволени граници на азот диоксид во три зони. Како што се наведува, и покрај двете предупредувања кои беа упатени во 2019 и 2020 година, земјата не усвои нови мерки за патниот сообраќај со цел да се намали загадувањето со азот диоксид.

Нивото на загаденост на воздухот во Португалија за време на пандемијата со Ковид-19 драстично се намали, што укажува дека автомобилите се најголемиот извор на азот диоксид и емисиите на јаглерод диоксид. Проблемот го влошува и јавниот превоз, а мрежата на јавниот превоз е веќе „на работ на колапс под товарот на сопствениот успех“, бидејќи побарувачката расте, наведе групата „Transport Environment“.

Претходно оваа година, Европскиот суд на правдата исто така пресуди дека Германија „системски“ ги надминува граничните вредности на азот диоксид во неколку градови, вклучително и Берлин. Соочена со заканата дека ќе биде казнета доколку не ја подобри состојбата, земјата сега работи на намалување на загадувањето во урбаните средини.

Азот диоксидот се испушта од автомобили, електрани и фабрики и е штетен за респираторните органи и срцето. Според Европската агенција за животна средина (ЕЕА), секоја година ова е причината за 50.000 предвремени смртни случаи во ЕУ и може да биде поттик за сериозни заболувања, како што се астма и намалена функција на белите дробови.