Трансродовите лица соочени со насилство и притисок на училиште, шалтер или во болница

Сведоштвата на трансродовите луѓе се застрашувачки, со насилство на сите нивоа, меѓутоа се и восхитувачки. Таква борба и издржливост, не е само преживување во непријателската средина, туку и едно големо „f*ck you“ на целокупниот систем во кој овие лица живеат, вели Славчо Димитров, автор и главен истражувач на „Трансродовото искуство“.

Ова истражување денеска беше презентирано во ГЕМ клуб. Темелно се интервјуирани 23 трансродови лица, а документот дава различни погледи, препораки и искуства за идентитетите, телата, насилството и социјализацијата.

За Димитров, ова е посебно важно и одговорно истражување, бидејќи, вели тој, кај нас има комплетна невидливост на трансродовите луѓе. Академската заедница е целосно игнорантна. Не ги зема овие прашања во предвид, не се продуцираат академски знаења за разлика од други западни земји со трансродови студии, квир-теорија, каде е отворен просторот за трансродовите луѓе да зборуваат.

„Има земји каде продукцијата на знаење ја даваат самите трансродови луѓе, како дел од академијата. Кај нас оваа пракса изоставува. Дополнително, медиумската сфера е целосно затворена. Во случаи каде е отворена, оперира со готови, сензационалистички стереотипи и единственото нешто што ја интересира се гениталиите во гаќите на трансродовите луѓе, или ‘големите трагични наративи’ за да добијат повеќе читаност. Но, не и вистинските гласови и оние работи низ кои секојдневно поминуваат трансродовите луѓе, нивните борби во таква трагична, исклучувачка и дискриминаторска средина“, потенцира активистот.

Зборувајќи за општествената клима и насилството, Димитров нагласува секојдневни искуства за кои, вели тој, остануваме слепи како моќта оперира, особено во родовиот апарат. Затоа, во домен на анализа биле дисциплинските механизми. Односно оние механизми на корекција, на казнување, средствата како „да се испратат на вистинскиот пат“ трансродовите луѓе.

Славчо Димитров на промоцијата на истражувањето „Трансродовите искуства: идентитети, тела, насилство и социјализација“

„Вакви средства се наоѓаат во различни простори – во навидум приватниот простор на семејството. Во училиштата каде просторите на социјализација и методите на односот наставник-ученик се организирани согласно бинарната родова рамка и сегрегација. Се продуцираат претпостоечки приказни за родовоста, се сегрегираат различните домени на дејствување – ‘тука играат девојчињата, а таму момчињата’. Или ‘тоа се работи за девојчиња, а овие за момчиња’. Преку тие практики се продуцираат родовите, а секој што ќе отстапи е веќе предмет и мета на насилство“, потенцира Димитров.

Активистот ги набројува и улицата, јавниот простор, болниците и јавните установи… Потоа, поширокото семејство загрижено за „нормализација на трансродовите луѓе“ и да се „одржи репродукција за потомство и наследство“, се’ до пошироките културни агенти и медиумите.

„Фрапантниот факт е дека нема ниту едно трансродово лице, од сите интевјуирани, кое нема искуство на насилство. Не еднаш, туку многукратни, без разлика дали се вербални, психолошки или физички. Таа слика е поразителна и посебно алармантна за сите нас за во иднина“, потенцира активистот од Коалиција Маргини.

Регулацијата за „машкоста и женскоста“, вели тој, создава нееднаква дистрибуција на можности и шанси во општеството. Нееднаква дистрибуција за здравје и воопшто, нееднакви можности за себеостварување. И тоа на навидум банални места.

„Сегрегацијата во јавните тоалети, на машки и женски, генерално е на глобално ниво. Таа регулација произведува насилство. Кога влегуваат трансродовите луѓе, искуствата се фрапирачки и застрашувачки. Вториот домен е преку административните апарати. Ова е домен на континуирано насилство! Обидете се да ја замислите ситуацијата во која ќе треба да го приложите личниот документ, а тоа е скоро секој ден, во најразлични околности, вие сте предмет на испитување, мониторинг, сомнително гледање, потсмев и на недобивање услуги на шалтер, банка, при вадење карта за автобус, при обид да изнајмите стан, да се вработите, да добиете здравствени услуги…“ наведува Димитров.

Проблеми се создаваат и промени или трансформација на тела. Во македонскиот здравствен систем има одредени био-технологии, но, според Димитров, тие се различно достапни за трансродовите луѓе.

„Тоа се технологии достапни за една ‘природна жена’ и ‘природен маж’, за да направат корекции кога имаат болести или проблеми со сопствените тела. Пример, масектомија – жена која има рак, хируршки и се отстрануваат градите, па и се нуди можност да стави нови. Меѓутоа, таа опција не е достапна на трансродовите жени! Прво, на ниво на пракса во институциите, а второ не се покриени од Фондот за здравствено осигурување. Тоа важи за повеќе услуги во здравството“, забележува тој.

Во поглед на сексуалноста, согласно уоченото од истражувањето, вели тој, сексуалноста на трансродовите луѓе ги подрива традиционални препоставки. Односно, сексуалност и желбата насочена кон спротивниот или ист пол, па врз основа на тоа јавно сте дефиниран како „хетеросексуален маж или жена, лезбијка, геј-маж“.

„Во овие ситуации, може да видиме дека нивните идентификации ги разнишуваат овие здраворазумски претпоставки за каузалност, идентификација, пол, род, желба и сексуална идентификација. Она што е важно е дека сексуалното идентификување е условено од приматот на родовото себеидентификување. Тука имаме различни идентификувања. Од 13 интервјуирани транс жени, седум се идентификуваат како хетеросексуални жени, пет како бисексуални, а две испитанички избрале опција ‘друго’, гледајќи ги како несоодветни овие сексулни категории за себеидентификување“, нагласи Димитров.

Од девет интервјуирани транс мажи, пак, двајца се идентификувале како хетеросексуалци, двајца – бисексуални, а четворица како пансексуалци.

Според Димитров, голем е процентот на пансексуалци и во меѓународните истражувања кога во прашање се транс мажите. „Тоа, самите го објаснуваат, за нив е неважен, недетерминирачки родот, изборот на сексуалниот, интимниот партнер, или поради тоа што сметаат дека, едноставно, тие рамки (хетеросексуалци или бисексуалци н.з.) се ограничувачки“, вели тој.

За Димитров, телата во кои ние самите живееме не се телата кои се секцираат на медицинската маса. Телата во кои живееме, нагласува тој, се тела што ги проживуваме, што ги замислуваме низ континуирани, динамични и временско-променливи релации со другите луѓе околу нас. Со сликите кои ги добиваме во средината и со она што го инвестираме во тие тела.

„Две сознанија се важни. Телесните слики кај трансродовите луѓе се исклучително различни. Значи, различни од сензационалистичките медиумски приказни дека постои ‘единствен голем трансексуалец’, кој што е ‘еднаков за сите искуства на трансродовите луѓе’. Мораме да го напуштиме тоа изедначување. Второ, телесните проекти на трансродовите луѓе. И отпаѓа онаа слика од медиумите, линеарниот наратив од родова дисфорија, па се до онаа завршна фаза каде ‘секое лице ја завршува операцијата за промена на пол’“, вели тој.

Нагласува, сите тие искуства се различни. Дел од луѓето сакаат да примаат хормони. Друг дел трансродови мажи да ги отстрануваат градите, што според Димитров е особено важно, земени предвид културно обременетите значења на женските гради.

„Дел од нив сакаат естетски корекции на сопственото тело, вклучувајќи операции на лицето, операции за феминизација, особено кај трансродовите жени, а некои воопшто не сакаат никаква операција“, наведува активистот.

Во однос на мрежите за пријателство, истражувањето покажало дека најголем извор на поддршка на трансродовите луѓе доаѓа од други трансродови луѓе, преку дружба и меѓусебна комуникација. Или од други ЛГБТ луѓе кои покажуваат разбирање, отвореност и нудат поддршка. Или од граѓански организации.

„Мал дел испитаници, поддршка добиваат од ограничен број на цисродови пријатели, главно женски. Скоро ниту едно трансродово лице не издвои поширока поддршка од цисродови мажи, што останува проблем за големиот ‘мачо идеал’ во општеството. За да не испадне идеална ситуацијата во ЛГБТ заедницата, морам да кажам дека немаше ниту едно интервјуирано транс лице, а да не посочи искуство на дискриминација или исклучување од геј мажите и лезбијките. Затоа, мораме во иднина да се посветиме на нивна едукација и сензитивизација“, констатираше Димитров.

Инаку, истражувањето беше промовирано и од Лина Ќостарова Унковска – клинички психолог. Во истражувањата тим беа и Драшко Костовски, Ирена Цветковиќ и Игор Раиден. Документот е дел од проектот на УСАИД за инклузија на ЛГБТИ луѓето, во партнерство со Коалицијата Маргини, ЛГБТИ центарот за поддршка, и ЛГБТ Јунајтед Тетово.

Бојан Шашевски