„Traces“ – VR изложба на Горан Ристовски

Виртуелната изложба „Traces“ на Горан Ристовски од вчера, 27 октомври, е достапна во рамки на „PrivatePrint – VR Studio“.

Изложбата се состои од исцртани линии кои создаваат виртуелен простор, во вид на просторна инсталација.

Организаторите го опишуваат Ристовски како уметник кој е препознатлив по својот минималистички стил,  што се истакнува и во виртуелниот простор на оваа изложба.

„Преку “Traces”, се чини како Горан да ни дава пристап до неговиот ум, таму каде што се создаваат неговите цртежи, а пред да ги стави на хартија. Додека се движиме околу линиите, исцртани во рамки на концептот на “Traces”, се движиме низ фрагменти од мисли, обидувајќи се да ја дофатиме целината. Во таа смисла, VR Studio-то на PrivatePrint постанува умствена палата на Горан, концепт кој и сам по себе е виртуелен“, велат оттаму.

Зад изложбата стои тимот составен од Горан Ристевски, 3D уметникот Борко Хаџиевски, кураторот Илија Прокопиев, програмерите Милан Насевиќ,  координаторката Марија Христова, а музиката која е специјално создадена за оваа изложба е создадена во соработка со Дамјан Томоски.

Сите заинтересирани може да ја проследат изложбата тука.

„PrivatePrint – VR Studio“ е колаборативна програма за курирање и дизајнирање виртуелни изложби.

Програмата е започната по идеја на архитектот и 3Д-дизајнерот Борко Хаџиевски, еден од основачите на „PrivatePrint Studio“ и долгогодишен соработник, кој ја изработи виртуелната верзија на студиото.