Изложба „Once again“ на Давор Кешќец во КИЦ

Во Културно информативниот центар (КИЦ) – Скопје во среда, 20 април, ќе биде отворена изложбата„Once again“ на младиот уметник Давор Кешќец, кој ќе претстави слики, графики, мурали, инсталации, како дел од неговото мултимедијално творештво, со преку 50-тина селектирани дела од досегашните негови изложби: Again, SHE, I S O L A T I O N, Blue Moon, Table.

Како што вели и самиот наслов, од КИЦ посочуваат дека „Once again“ е изложба на која бидат изложени дела кои веќе биле претставени во други изложбени контексти, но покрај досега изложените дела ќе се претстави и со нови дела од серијалот Half a person. Поставени во нов контекст, овие дела, работени низ дивергентни медиуми, се репрезент на свежиот, чист и стилски уникатен поп арт пристап на Кешќец.

„Со оваа поставка на младиот и перспектувен уметник Давор Кешќец ја започнуваме серијата изложби која со нова енергија, ентузијазам, свежи идеи и јасна визија, ја најавува новата ера во работењето на Културно информативниот центар – Скопје. И сето ова под логото на големиот јубилеј на установата – 55 години Културно информативен центар – Скопје!“, се вели во најавата за изложбата.

Давор Кешќец e роден 1997 година во Скопје. Средно образование завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ Скопје, оддел графика (2011-2015), а дипломира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, оддел графика (2015-2020). Член е на ДЛУМ од 2020. Добитник е на наградата „Young Art“ категорија сликарство од 21-29 години, Скопје, 2019. Се бави со сликарство, графика, инсталации, црта мурали.