Топлотен бран од четврток до недела, МЗ со препораки за заштита од високи температури

Согласно добиените информации од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Министерството за здравство (МЗ) објави препораки за заштита од високите температури во периодот кога државата ќе влезе во портокалова зона.

Според УХМР, државата ќе влезе во портокалова зона од четврток до недела, а во тој период на територијата на цела држава се предвидуваат високи температури, односно топлотен бран, па ќе важат  препораките за намалување на ризиците од високи температури, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.

Оттаму, од МЗ препорачуваат ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и хронично болни лица.

„Дополнително, во установите за згрижување на децата, градинките, да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да укажат помош на постари, изнемоштени лица и бездомници“, велат од министерството.

Од МЗ посочуваат дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници, па ги потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Истовремено од Министерството за здравство укажуваат и на општите мерки за заштита на здравјето, како практикување на седење во затворени и климатизирани простории и седење под сенка, носење на светла и лесна облека и носење на заштитни очила и капа при директна изложеност на сонце.

Оттаму истакнуваат дека препорачливо е да се внесува помало количество на храна и да се избегнува мрсната храна, да се внесуваат поголеми количества на течности – вода за пиење, а да се избегнува алкохол, а хронично болните лице редовно да ја земаат пропишаната терапија, во  консултација со матичните лекари.

„Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи“, велат од МЗ.