Топлотен бран на 18 и 19 август, Владата донесе препораки за заштита од високите температури

На денешната 70-та седница на Владата, донесени беа препораки за намалување на ризиците од високи температури. На 18 и 19 август, односно утре и задутре се очекуваат високи температури, односно топлотен бран, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

На укажување на министерот за здравство, поради портокаловата зона која ќе ја зафати државата, Владата препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи на население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години.

Се препорачува бремените жени да бидат ослободени од работните обврски, како и лицата над 60 години, а во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата надвор во периодот од 11 до 17 часот.

Истовремено, единиците на локалната самоуправа, како Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран возраст, се препорачува да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

„Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот“, се вели во препораките.