Теодора Столевска: Младинските организации отвораат можности за младите да се развиваат во разни области

Половина од младите сметаат дека образованието е многу релевантно во однос на професијата во која работат, но најголем дел од нив сметаат дека вештините за работа можат да ги стекнат преку пракса. Најпопуларни професии за нив се во ИТ секторот, медицината и бизнис и претприемништво. Причините зошто овие професии им се најатрактивни, младите ги гледаат во можноста за поголема заработка.

Овие податоци се дел од истражувањето „Младински аспирации за кариера и вештини“, спроведено во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, во кои преку анкети или фокус групи биле собрани ставовите на над 2.100 млади на возраст од 15 до 29 години од сите региони низ земјава.

Според Теодора Столевска, извршна директорка на Младинскиот образовен форум (МОФ) генерацијата зет е свесна дека е потребно постојано учење и надоградување, а младите денес, како што вели можностите за тоа ги имаат преку младинските организации и неформалното образование.

„Било која дополнителна обука која тебе ти се нуди од страна на било која организација како млад човек тебе те менува. Те учи како да работиш во заедница, како да соработуваш со други луѓе, ти дава еден структуриран систем околу тебе преку кој си ставен во ситуација да имаш постојано можности околу тебе. Ако не се наоѓаш во одреден систем со можности, многу е ретко да се стекнеш со друга вештина. На, пример додека си во средно, фокусот на формалното образование е ставен само на наставата, многу поретко се случува самите професори или самото училиште или било кој институција да ти овозможи некакви дополнителни обуки. Тоа што го прави проектот и младинските организации е можност да се запознаеш со било која област што тебе те интересира. Без разлика дали тоа е фриленсинг, дебата, активизам, новинарство, претприемништво – било која област во моментов е достапна на секој млад човек во државава и мислам дека е огромна штета ако не се искористи“, вели Столевска во епизодата „3/4 од младите сакаат свој бизнис“ на подкастот „Што го врти светот?“.

Радио МОФ веќе пишуваше за клучните наоди од истражувањето. Повеќе може да прочитате овде, додека целото истражување е достапно на овој линк.

ИТ и медицината омилени професии за младите, но не се многу запознаени со државните мерки или зелените бизниси