Во периодот од 27 декември 2025 до 25 јануари 2026 година беше спроведено истражување за мислењето и ставовите на јавноста во однос на медиумите и медиумските содржини, со цел да се добие подетален увид во навиките и перцепциите на граѓаните.
Резултатите покажуваат дека телевизијата и социјалните мрежи се главни извори на информирање, со речиси изедначена дневна употреба. Интернет порталите се позиционираат како трет важен извор, додека радиото и печатените медиуми имаат значително помало влијание.
Истражувањето открива и висока заситеност на публиката со вести, серии и дебатни емисии на телевизиите. Истовремено, граѓаните укажуваат на недостиг од образовни, културни и документарни содржини, како и детска програма и квалитетни домашни играни формати.
Радиото, пак, ја задржува својата улога како „придружен медиум“, со најголема слушаност во утринските часови и доминантно музичка содржина.
Податоците покажуваат и загрижувачки тренд на ниска доверба во информациите што се споделуваат преку социјалните мрежи. Дополнително, значителен дел од граѓаните изразуваат недоверба кон сите медиуми, што укажува на поширок проблем со кредибилитетот на медиумскиот простор.
Целосниот извештај од истражувањето е објавен на веб-страницата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.



