Талибанците наредија да се обезглават манекенските кукли

Талибанците наредиле да се обезглават манекенските кукли во авганистанските продавници за облека, тврдејќи дека куклите не се во склад со исламските правила, пренесува „Independent“.

Авганистанското министерство за ширење на вредностите и заштита од пороци најпрво ја применило забраната во западниот реон Херат. На мета на новото правило се локалните бизниси. Аналитичарите забележале дека новите правила ќе создадат дополнителни проблеми за локалните бизниси, кои и онака се борат да опстојат под талибанскиот режим.

Азиз Раман, шефот на локалното министерство за вредности, посочил дека куклите се статуи и ги обвинил граѓаните дека од нив прават идоли, што е спротивно на исламските закони. Тој додал дека оние кои нема да ги обезглават куклите се под опасност од смртна казна.

Марзиа Бабакаркали, која претходно работела како судијка во Авганистан, а сега живее во Велика Британија, изјавила дека новото правило е брутално и покажува детско однесување.

„Ако Талибанците не можат да прифатат кукла, како тие ќе ги прифатат женските гласови во Авганистан? Кога ги читам вестите јас сум исплашена. Талибанците тврдат дека се смениле. Но нивните однесувања го покажуваат нивниот карактер. Нивното вистинско лице. А зошто светот молчи, е едно големо прашање што ми се врти низ глава“, изјавила таа.

Новите талибански правила ги забрануваат и сапуниците, драмите и прикажувањето на авганистанските актерки. Забранети се и филмовите кои не се во склад со авганистанските вредности, а хиџабот е задолжителен за сите новинарки кои се појавуваат на телевизија.

Со повлекувањето на американските и британските сили од земјата во средината на август 2021 година, Талибанците стапија на сила во Авганистан, по што набрзо соопштија дека е спортот е забранет за жени.