Талибанците им забранија на жените да работат за Обединетите нации

Талибанците ја проширија забраната за работа на жените во Обединетите нации (ОН) на цел Авганистан, објави портпаролот на светската организација, осудувајќи ја одлуката како „неприфатлива“ и „неразбирлива“.

Мисијата на ОН во Авганистан претходно објави дека на Авганистанките вработени кај нив, кои претходно биле поштедени од рестриктивни мерки, им било забрането да работат за ОН во провинцијата Нангархар, на истокот на Авганистан.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик, подоцна соопшти дека преку различни канали им било кажано дека забраната всушност се однесува на целата земја.

Тој рече дека досега не добиле никаков писмен налог за тоа.

Дижарик најави дека денеска претставниците на ОН треба да се сретнат со авганистанските власти во Кабул за да се обидат да добијат некое објаснување.

„За генералниот секретар на (Обединетите нации), Антонио Гутереш, таквата забрана би била неприфатлива и искрено неразбирлива“, додаде Дижарик.

Тој ја осуди желбата да се спречат хуманитарните организации да им помогнат на оние на кои помошта им е најпотребна.

Во декември минатата година, авганистанското Министерство за економија објави дека на 1.260 невладини организации кои работеле во земјата им било забрането да вработуваат Авганистанки поради „сериозни поплаки“ за непочитување на начелата за покривање на телата и лицата на жените. ОН не беа погодени од одлуката.