СЗО предупредува од висок ризик за инфекции со Омикрон низ светот

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека постои висок ризик Омикрон сојот од коронавирусот да предизвика раст на инфекциите низ светот.

Варијантата може да предизвика сериозни последици во некои региони додаваат од СЗО.

„Омикрон има досега најголем број на мутации на шилестиот протеин, некои од нив се загрижувачки за потенцијалното влијание на правецот во кој ќе се движи пандемијата“, рекоа од СЗО.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус, повторно повика на глобален напор за да се достават вакцини до посиромашните нации.

Новиот сој беше откриен во Јужна Африка, со првични сознанија дека тој носи висок ризик за реинфекција.

Гебрегесус додава и дека научниците низ светот работат за да откријат дали новиот сој е поврзан со повисока трансмисија, ризик од реинфекција и како варијантата реагира на вакцините.

„Самата појава на Омикрон е потсетник дека, иако на многумина им е преку глава од Ковид-19, тој се` уште не завршил со нас“, вели тој.

Според него досега не се забележани смртни случаи поврзани со новиот сој.

Во меѓувреме од час во час растат бројот на држави кои пријавуваат дека регистрирале случаи заразени со Омикрон. Меѓу нив и Канада, Велика Британија, Белгија и Холандија.

Новиот сој предизвика ЕУ и САД да воведат забрана за патувања од јужноафриканските држави, чекор гој беше критикуван од претседателот на Јужна Африка.