Судот ја отфрли тужбата кон „Нирвана“ поради омотот на „Nevermind“

Спенсер Елден, односно бебето што се појавува на омотот на албумот „Nevermind“, го тужеше гранџ бендот и тврдеше дека е жртва на сексуална злоупотреба на деца, пренесува „Гардијан“.

Американски судија ја отфрли тужбата на Елден во понеделникот, а одлуката беше донесена во окружен суд во Калифорнија. Судијата Фернандо Олгин ја донесе одлуката со „дозвола за измена“. Адвокатите на Елден го пропуштиле рокот за доставување на приговор, откако во декември бендот поднесе барање за отфрлање на случајот. Тимот на Елден  има рок до 13 јануари повторно да ја обжали одлуката.

Според првичната тужба која беше поднесена во август 2021 година, Елден тврдеше дека е жртва на сексуална злоупотреба на деца, а со тоа и дека омотот претставува сексуална злоупотреба.

„Бендот со умисла продуцираше и рекламираше, а со тоа поседуваше комерцијална детска порнографија, преку сликата на која е Спенсер“, гласеше тужбата.

Елден изјави дека неговата слика на омотот му предизвикала „екстремен и постојан емоционален стрес со физичка манифестација“, како и пречи при образованието, наоѓањето работа и генералното уживање во животот.

Адвокатите на бендот кои ги претставуваа живите членови од „Нирвана“, односно Дејв Грол, Крист Новоселиќ, Кортни Лав, вдовицата на Кобејн и Кирк Ведл, фотографот на омотот, изјавиле дека Елден го поминал својот живот профитирајќи од статусот на ѕвезда и се претставувал како „Бебето на Нирвана“. Истовремено, адвокатите на бендот истакнале дека Елден одново ја направил познатата слика по повод јубилејот за 15 и 20 години од издавањето на албумот, а имал и тетоважа од омотот на своите гради.

Адвокатите додале дека статутот на застареност на случајот истекол пред повеќе од една деценија и дека тврдењата на Елден дека сликата претставува сексуална злоупотреба на деца се лажни.

„Нирвана“ доби тужба од бебето на омотот на нивниот албум