„Грајндер“ казнет шест милиони евра поради споделување приватни податоци

Норвешко тело за заштита на податоци ја казни апликацијата „Грајндер“ со финансиска казна од над шест милиони евра, пренесува „Euronews“. Набљудувачкото тело ја казни апликацијата поради прекршување на правата на приватност.

„Грајндер“ споделил приватни податоци од корисниците со стотици потенцијални партнери за рекламирање.

Апликацијата ги прекршила строгите правила за приватност на Европската Унија, кои важат и во Норвешка. „Грајндер“ е казнет 6.35 милиони евра, рекорна казна поради прекршување на правата на приватност во Норвешка.

Во 2020 година, норвешкиот Совет на корисници поднел тужба против апликацијата, бидејќи споделила кориснички податоци како GPS локации, IP адреси, години на раѓање, пол и времето кое тие го поминале на апликацијата.

Приватните податоци биле испратени до неколку партнери поради маркетиншки цели, но без дозвола од корисниците.

Од „Грајндер“ не одговориле за пресудата, а компанијата има рок од три недели за поднесување на жалба. Оттаму претходно изјавиле дека прекршувањата биле извршени за време на менување на правилата за користење на апликацијата.