Судија во Монтана пресуди дека државата им го крши правото на чиста животна средина на млади еко-активисти

Американската сојузна држава Монтана го прекршила правото на „чиста и здрава животна средина“ на 16 млади еко-активисти што го гарантира државниот устав, одлучи судија во Монтана.

Тужителите, на возраст од 5 до 22 години тврдеа дека државните политики за фосилни горива придонесуваат за климатските промени.

„Државата дозволува и промовира енергетски систем базиран на фосилни горива и тоа придонесува за емисиите на климатски промени. Тоа е против некои од нашите основни права впишано во уставот“, изјави 22-годишната активистка и главна тужителка, Рики Хелд.

Ова е прв ваков случај што отиде на суд, иако млади од таму во неколку наврати апелираа за нивното уставно право на чиста и здрава животна средина.

Во понеделникот судијката на Окружниот суд, Кети Сили утврди дека процесот за дозвола на користење фосилни горива е неуставен бидејќи не ги оценува ефектите од емисиите на стакленички гасови.

„Емисиите на Монтана и климатските промени се докажани како суштински фактор за предизвикување климатски влијанија врз животната средина. Тужителите покажаа дека како деца и како млади, тие се несразмерно оштетени од загадувањето со фосилни горива и климатските влијанија“, изјави Сили.

Адвокатката на движењето „Довербата на нашите деца“, Џулија Олсон одлуката на судијата ја нарече голема победа за Монтана, за младите, за демократијата и за климата.

„Ќе има и повеќе вакви пресуди“, рече таа.

Државниот јавен обвинител најави дека ќе поднесе жалба против пресудата.