Судан, последниот мажјак северен бел носорог, умре во Кенија

Последниот преостанат мажјак северен бел носорог на светот умре во Кенија на 45-годишна возраст, соопшти Конзерваторскиот центар кој се грижел за него. Од овој животински подвид остануваат уште две женки.

Носорогот со име Судан, беше препознатлив по тоа што имаше профил на интернет-страницата за запознавање „Тиндер“ со намера да се спаси видот од изумирање. Тој бил болен веќе подолго време, соопштиле од Центарот Ои Пехета во централна Кенија, каде носорогот живеел до крајот на животот.

„Судан беше лекуван од компликации поврзани со неговата старост која доведе до дегенеративни промени во мускулатурата и коските, комбинирани со рани по кожата. Неговата состојба значително се влоши во последните 24 часа, тој не беше во можност да стои на нозете и трпеше голема болка“, рекле од Конзерваторскиот центар кои заедно со Сервисот за дивиот свет на Кенија и Зоолошката Двур Кралове од Чешка, решиле да го еутаназираат.

„Во 1970-тите Судан успеа да се спаси од изумирање на неговиот подвид во дивината, кога беше префрлен во Зоолошката Двур Кралове. Низ неговото постоење тој значително придонесе за опстојување на неговиот вид бидејќи успешно се спари со две женки“, соопштија од Центарот.

„Во последните години, Судан се врати во Африка и ги украде срцата на многумина со неговото достоинство и цврстина“.

Судан живеел заедно со двете последни женки од подвидот на северните бели носорози – неговата ќерка Наџин и нејзината ќерка Фату.

Конзерваторскиот центар дека бил складиран генетскиот материјал од Судан.

„Единствената надеж за зачувување на овој подвид сега лежи во развивање на ин-витро оплодување, со јајце-клетките од последните две женки, преку зачувани сперматозоиди од мажјаците, како и преку сурогат мајка од женките на подвидот на јужните бели носорози“, посочиле од Центарот.

Судан беше прогласен за „Најпосакуваниот ерген на светот“ од „Тиндер“ минатата година, кои во соработка со Конзерваторскиот центар, преку кампања за подигање на свеста, прибраа 9 милиони долари за спас на подвидот.