Судан погоден од драматичен недостиг на храна

Илјадници луѓе во Судан се соочуваат со драматичен недостиг на храна поради намалувањето на хуманитарната помош, а две деца и едно возрасно лице умреле од глад во Јужен Судан, потврдија хуманитарните работници и прецизираја дека смртните случаи се случиле во камп за раселени лица во земјата Ворап, јавува Евроњуз Србија.

Оваа ситуација настана откако Светската програма за храна (ВФП) на Обединетите нации (ОН), поради недостиг на средства, ги суспендира програмите за рационализација на храната во многу делови на Судан.

Телото на ОН во јуни соопшти дека недостигаат околу 426 милиони долари за да се продолжи со дистрибуцијата на храна, меѓутоа таа помош не пристигнала бидејќи меѓународната заедница се фокусирала на други кризи кои се преклопуваат, вклучително и војната во Украина.

Сами Ал Субаихи, ангажиран во организацијата Лекари без граници, рече дека повеќе од 20.000 луѓе кои живеат во камповите за раселени лица се изложени на ризик од глад.

Претставник на ВФП изјави дека ова тело „ја суспендирало помошта во храна за 1.7 милиони луѓе поради недостиг на средства“, но нагласи дека и понатаму се обезбедува помош за 4.5 милиони луѓе.

Суспензија е воведена во различни региони на Судан и повеќе од 60% од вкупното население од 11 милиони Суданци сега се соочуваат со „сериозен недостиг на храна“.

ВФП на 14 јуни објави дека „сите опции се исцрпени пред да се прекине помошта во храна“, вклучително и намалување на оброците за 50% во текот на 2021 година.

Од стекнувањето независност во 2011 година, насилството е дел од секојдневниот живот во Јужен Судан и тоа дополнително го загрозува снабдувањето со храна, и покрај формирањето влада на национално единство во 2020 година. Ситуацијата дополнително се влоши со четири последователни сезони на поплави кои уништија куќи, опустошија земјоделски површини и раселија десетици илјади луѓе.