Студентите загрижени, институциите смируваат – нема селење од студентските домови во отсуство на станарите

Владината уредба со која се бара студентски и ученичките домови да биде овозможено да се користат како сместувачки капацитети за превенција од ширење на коронавирусот Ковид 19, вознемири илјадници студентите кои пред три недели ги напуштија собите, но не се иселија од нив. Откако некои студенти од раководствата добија информации дека без нивно присуство ќе им бидат иселени работите, а во отсуство на конкретни препораки од Министерството за образование и наука, институциите сега смируваат.

„Немаме официјално соопштение, ама овие три недели нонстоп нѐинформираа кои денови може да одиме и од кое до кое време, со цел да не се создаваат гужви. Денес смееме да ги земеме работите од 10-15 часот, а најверојатно ќе биде така и следната недела“, вели за Радио МОФ студентка која беше сместена во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје.

Дарио Николовски, кој е директор на Државниот студенски дом „Скопје“, но претседател на Здружението на директори на училишните и студентските домови во Република Македонија е дециден дека нема да има селење на студентите во нивно отсуство.

„Студентите да бидат безгрижни. Доколку има потреба, врз основа на уредбата од Влда студентските домови да бидат државен карантин, студентите ќе бидат навремено известени за студентите да дојдат и самите да се иселат, да си ги соберат работите, да се направи записник за напуштање на собата и што е во неа е променето од преземањето до напуштањето, па дури тогаш ќе се пристапи кон други активности. Простор за паника нема никаков, секојдневно имаме комуникација со студентите“, смирува Николовски.

Тој препорачува студентите да ги почитуваат мерките на Влада и МОН. Запрашан за тоа на кој начин сега моѓат студентите да си подигнат предмети кои им се оставени во домот, Николовски вели:

„Кога студентите го напуштија домот, мислам дека главните работи како лаптоп и книги им се земени. Но, ако се створи неопходна потреба, ние како институуција сме тука и ќе најдеме соодветно решение“.

Апелира, во време на пандемија, доаѓањето во домот студентите да го бираат како последно можно решение.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат, доколку се појави потреба за користење на студентските домови како сместувачки капацитети за превенција од ширење на Ковид 19, студентите дополнително ќе бидат информирање за подигнувањето на личните работи.

„Со уредби на Владата сите ученички и студентски домови се ослободени, односно ставени на располагање доколку актуелната состојба со коронавирусот наложи потреба од тоа, но кој дом е подобен и ги исполнува условите за да биде искористен за оваа намена, ќе одлучат соодветни институции и органи.

Во меѓувреме, студентите од домовите за кои ќе се одлучи да се користат како карантин, ќе бидат информирани кога и на кој начин ќе можат да ги подигнат предметите кои сеуште не ги подигнале“, велат од МОН.

Првата половина од месец март, како дел од мерките за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, беше наредено до работа да прекинат сите ученички и студентски домови. Претходно беше најавено дека со работа престануваат градинките, училиштата и факултетите.

Коронавирусот ги испразни студентските домови

Ј.Ј.