Студенти на Архитектура учеа на терен за урбаните проблеми во Кратово и дадоа свои решенија

Група студенти и професори од Архитектонскиот факултет во Скопје минатата недела го посетија Кратово со цел да направат идејни решенија кои ќе им помогнат на локалците, особено на повозрасните и лицата со попреченост да ги совладаат урбаните бариери, објави marh.mk.

Тргнале од идејата дека дизајнот на градовите ретко одговара на потребите на овие ранливи групи. Според податоците, 12-15% од вкупното население се соочува со одредени потешкотии при движењето.

Студентите се запознаа со проблемите така што се движеа со инвалидски колички и со покриени очи низ градот, за да сфатат како лицата со физичка попреченост се снаоѓаат во секојдневието. Врз база на личните искуства, тие предложија свои концепти за решавање на проблемот.

Архитектонската работилница е резултат на соработката помеѓу Општината Кратово и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа се оддржа во периодот 20 – 24 септември во Музејот на град Кратово, на која учествуваа 18 студенти и 2 професори-ментори.

„Подобрувањето на пристапноста подразбира многу повеќе од една обична рампа, елеватор, лифт или платформа. Подобрувањето на пристапноста започнува од подигањето на свеста за оваа невидлива група на наши сограѓани кои за жал заради непристапноста на градовите е заробеник на своите домови. Оттука архитектонските решенија кои ја третираат оваа проблематика треба да создаваат простори кои ќе ги користат сите, самостојно и достоинствено, а со тоа ќе претставуваат простор за средби и интеракција наместо да бидат ексклузивно наменети само за една група корисници“, изјави проф. д-р Бојан Каранаков за marh.mk.

Целиот текст може да се прочита на следниот ЛИНК.