„Строг пост“ вечер ќе свират во „Буква“

Во скопската кафе-книжара „Буква“ вечер (петок, 17 март) од 21 часот е најавен настап на „Строг пост“.

„Строг пост“ e новата музичка констелација на Филип Букршлиев (гитара), Дени Омерагиќ (бас) и Кристијан Новковски (тапани) – познати по својата работа во бендови како Светлост, Палиндром, Fighting Windmills, Taxi Consilium, Local blue…

„Строг пост“ свири музика на цврста „рифовска“ основа, спакувана во композиции, кои пливаат во матните води помеѓу пост-рок, слободен џез и слободна импровизација.

„Овој концерт ќе биде прва јавна презентација на целосниот материјал кој ќе се најде на нивниот деби албум, сниман пред неколку недели. Што би се рекло, ќе имаме можност да ги чуеме во фантастична форма“, стои во најавата за настанот.