Стрипови, предавања и музика – второ издание на „Омнибустопија“ во МСУ

„Омнибустопија“ 2 ќе биде отворена со предавањето на универзитетскиот професор Јордан Шишовски (Факултет за архитектура и дизајн, при Универзитетот „Американ колеџ“), на тема „Право на град“. Предавач на предметите Современа уметност, архитектура и дизајн и Теорија на современата архитектура, тој кон крајот на минатата година ја издаде својата книга, „Хајдегер: техника, поетика, домување“ (во издание на АКСИОМА). Шишовски ќе зборува за начините на кои архитектурата и урбанизмот влијаат врз општествениот, културниот и политичкиот живот и поведението на луѓето кои денес се принудени да живеат во Скопје, како и за маргинализирањето на останатите скопски населби, предизвикано од проектот „Скопје 2014“. Животот на градот и широкиот дијапазон кој оваа синтагма го имплицира ќе биде главната тема околу која ќе се вртат прашањата околу перспективноста на сегашниот и идниот живот на/во Скопје.

Второто издание на „Омнибустопија“ ќе се одржи на 24 септември, со почеток во 20 часот на летната сцена на Музејот за современа уметност во Скопје.

„Ние, а и оние коишто присуствуваа на минатогодишната Омнибустопија, веројатно првично очекуваа дека и годинешново издание ќе се случува во уникатниот мобилен културен простор на автобус на ЈСП. Се разбира, заради повеќе од очигледни причини, тоа оваа година нема да може да се реализира на таков несекојдневен начин. Заради тоа, овој пат Омнибустопија 2 ќе ја стационираме на една „автобуска постојка“ – летната сцена во Музејот на современата уметност во Скопје, кој овој пат ќе ја игра улогата на наш статичен, мултиуметнички, разигран автобус. Главната предност на овој простор е во тоа што, дури и да заврне (иако за сега прогнозите се дека времето ќе биде пријатно), тој е покриен и настанот ќе може непречено да се реализира“, соопштуваат организаторите.

Веднаш по предавањето, ќе се одржи видео изложба и промоција на стрипов на мултимедијалниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ на тема Скопје. Главен промотор на стриповите и соговорник ќе биде професорот и доктор по филозофија, Бошко Караџов. Преку овој настан, ќе се понуди поинакво видување на нашиот урбан живот. Стрипот, претставува урбан феномен и идеална платформа за визуелизирање и промоција на урбаните проблеми, трендови, субкултурни движења, уметнички практики и социјални афилијации на младите луѓе во Скопје. Промоцијата ќе биде од отворен карактер, па ќе се одржи и разговор со посетителите и Јовановиќ и Караџов во однос на нивното поимање на конкретните стрипови, но и во однос на тоа како стрипот за Скопје би можел да се развива во иднина.

Омнибустопија 2 ќе заврши со концерт на младиот скопски состав The Local Blue (Кристијан Савиќ, на електрична гитара, Панде Ефтимов, на електричен бас, и Кристијан Новковски, на тапани), кој свири инструментален хибрид помеѓу психоделичен рок, стоунер рок, спејс рок и пост рок. Тие, во нивното досегашно краткотрајно постоење, имаат издадено два албума за PMG Recordings Project Blue Beam (2018) и 2nd Landing (2019).

Настанот е поддржан од Град Скопје, во рамките на нивниот јавен повик „Од центарот кон периферијата: културата како алатка за социјален развој“, но ќе беше невозможен за реализација без помош од Музејот на современата уметност во Скопје. Организатор на настанот е АКСИОМА – Асоцијација за културна соработка и истражување – Вангел Ноневски, Јордан Шишовски и Владимир Лукаш (воедно и дизајнер на каверот за настанот).

Настанот ќе се изведе според воспоставените протоколи и стандарди пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата, а од организацијата нагласуваат дека ќе внимааваат на целосно почитување на мерките. Поради тоа, бројот на посетители на „Омнибустопија“ 2 ќе биде ограничен на 100.

[Фото] Културна „окупација“ на автобус на ЈСП