Стотици жени пријавиле абнормални менструални циклуси по солзавец на протестите во Портланд

Над илјада жени пријавиле болки, зголемено крварење и други здравствени проблеми, иако се смета дека солзавецот има мало влијание, известува „Гардијан“.

Над илјада жени пријавиле долготрајни здравствени ефекти откако биле изложени на солзавец за време на протестите во Портланд, Орегон минатата година, велат резултатите од новообјавено истражување.

Жените пријавиле абнормални менструални циклуси, зголемени болки и крварење кои започнале и траеле неколку дена по првичното изложување на солзавецот. Стотици други жени се пожалиле и на други негативни здравствени состојби, како неиздржливи главоболки, гадење, дијареа и грижи за менталното здравје.

Новото истражување кое е базирано на онлајн анкета на која одговориле над 2.000 лица, ги предизвикува досегашните факти дека здравствените ефекти од солзавецот се мали и привремени, изјавила др. Брита Торгримсон Ојеиро, истражувачка од „Кајсер Перманент Нортвест“ и водечка авторка на студијата.

Истражувањето кое е прегледано и од нејзини колеги, ја потврдува врската помеѓу солзавецот и абнормалните менструални циклуси, врска која била наголемо дискутирана од страна на американските протестирачки на социјалните мрежи и локалните медиуми.

Дел од протестирачките кои учествувале во расните протести против полициска бруталност минатото лето во Портланд, Сиетл, Минеаполис, Рочестер и останатите градови, изјавиле за медиумите дека изложувањето на солзавец било проследено со неочекувано крвавење, необично силни болки и други симптоми невообичаени за нивните типични менструални циклуси.

Минатото лето „Oregon Public Broadcast“ интервјуирал 26 протестирачки од 17 до 23 години, кои велеле дека изложеноста на солзавец влијаело на нивните менструални циклуси. Дел од нив објасниле дека имале големи крвни грутки и болки кои се чувствувале како удари од остри камења.

„Не сме параноични. Ова не е случајност, нешто се случува“, изјавила протестирачка која имала 29 години.

Пет трансмажи кои земале тестостерон што обично ги запира нивните менструални циклуси, за медиумот изјавиле дека повторно почнале редовно да имаат менструација и болки откако биле изложени на солзавецот.

Група на жени од Сиетл, вклучувајќи и неколку жени кои не учествувале на протестите, но биле изложени на солзавецот при одење накај дома, за медиумите изјавиле дека и нивните циклуси биле невообичаено болни.

„Една од причините зошто истражувачите се одлучиле да ја спроведат анкетата минатото лето е бидејќи многу малку се знае за здравствените ефекти кои ги има солзавецот кој се користи врз цивилното население, особено кога граѓанските маси се составени од различни групи на луѓе“, изјавила Торгримсон Ојеиро.

„Солзавецот се користи редовно, ден по ден, во генералните заедници и влијае врз бремени жени, луѓе кои имаа различни здравствени состојби, деца и постари лица“, изјавила таа.

Резултатите од истражувањето, меѓу кои е и врската помеѓу солзавецот и менструацијата се важни научни допринеси кон научното истражување на ефектите на солзавецот кој претходно е тестиран на помлади мажи во воени и полициски околности, изјавил Свен Ерик Џордт, професор по анестезиологија на Универзитетот „Дјук“.

„Засега, не знаеме дали солзавецот предизвикува менструални абнормалности. Возможно е болките, стресот, дехидрацијата да имаат големо влијание“, додал тој.

„Иако моменталниот медицински совет за справување со ефектите од солзавецот е едноставно да се оддалечите од местото, пресоблечете и истуширате, одговорите од анкетата сугерираат дека има ефекти врз физичкото и менталното здравје, кои се посериозни и подолготрајни“, нагласила Торгримсон Ојерио.

Во одговорите има лица кои пријавиле здравствени проблеми со менталното здравје кои траеле со денови, понекогаш и недели, па и неколку месеци по изложувањето“, додала таа.

Над половина од лицата кои учествувале во анкетата опишале дека доживеале некаков вид на нерегуларности кај нивните менструации, па дури и воспалени гради, откако биле изложени на солзавец.

Дел од нив ги опишале болките при менструација како толку силни што морале да се обратат до итната помош.