Стотици новинари и активисти биле прислушувани од авторитарни влади, покажаа податоци од шпионскиот софтвер „Пегаз“

Активисти за човекови права, новинари и правници низ целиот свет биле мета на авторитарни влади преку хакерски софтвер на израелската компанија за безбедносен надзор НСО Група, покажуваат протечени податоци.

Истражувањето го направиле 17 медиумски организации, кои податоците ги добиле од „Амнести Интернешнал“ и парсиската невладина медиумска организација „Забранети приказни“ и покажува широка злоупотреба на софтверот „Пегаз“, за кој НСО тврди дека е наменет само против криминалци и терористи.

„Пегаз“ е шпионски злонамерен софтвер (спајвер) кој ги инфицира иОС и Андорид уредите и овозможува на власниците на софтверот тајно да крадат пораки, фотографии, мејлови и да снимаат повици и да ги активираат микрофоните на уредите.

Во протечените податоци има листа од преку 50.000 телефонски броеви за кои се верува дека биле мета на клиентите на НСО по 2016 година. Иако појавата на телефонските броеви меѓу податоците не е доказ дека одреден уред бил инфициран од „Пегаз“, сепак организациите тврдат дека тие се показател за потенцијалните мети на вакви напади.

Форензичка анализа на мал број од телефоните, чии броеви се нашле на протечената листа, покажуваат дека повеќе од половина од нив имале траги од шпионскиот софтвер. Меѓу таргетираните телефони има и голем број политичари, религиозни фигури, академици, бизнисмени, вработени во НВО, претставници на синдикати.

На листата се наоѓаат и повеќе од 180 новинари, меѓу кои и познати уредници, репортери и директори на Фајненшл Тајмс, Си-Ен-Ен, Њујорк Тајмс, Франс 24, Ал Џазира, Радио Слободна Европа, Ле Монд, Економист, Асошиејтед Прес,  Ројтер, Гласот на Америка и други.

Меѓу телефоните бил и бројот на мексиканскиот новинар Сесилио Пињеда Бирто, кој беше убиен во 2017 година неколку часа откако објави видео во кое обвини локални моќници за корупција.

Протечените податоци покажуваат и дека „Пегаз“ бил користен при таргетирање на телефоните на блиски соработници на убиениот новинар на Вашингтон Пост, Џамал Кашоги, во месеците по неговата смрт. Како мета во листата се наоѓа и турскиот обвинител кој го истражувал убиството.

Според анализата на протечените податоци биле откриени најмалку 10 влади кои биле клиенти на НСО и кои внесувале броеви во системот – Азербејџан, Багреин, Казахстан, Мексико, Мароко, Руанда, Саудиска Арабија, Унгарија, Индија и Обединети Арапски Емирати.

Анализата покажува дека најголем број од телефоните има селектирано Мексико, повеќе од 15.000 телефони. Мароко и ОАЕ истовремено имаат повеќе од 10.000 телефонски броеви.

Фото: Гардијан

Од НСО ги отфрлиле информациите за активностите на нивните клиенти, нарекувајќи ги „лажни“, а истовремено рекле дека цифрата од 50.000 телефонски уред била „преувеличена“ Компанијата го продава овој софтвер на војската, полицијата и разузнавачките агенции на 40 неименувани држави, а тврдат дека секогаш темелно ги проверуваат своите клиенти за нивниот однос кон човековите права пред да им овозможат користење на нивниот софтвер.

Клаудио Гарниери, кој раководи со безбедносниот оддел на Амнести Интернешнал објаснува дека откако телефонот ќе се инфицира со „Пегаз“, клиентот на НСО практично може да ја преземе контролата на уредот бидејќи му се овозможува преземање на пораките, повиците, фотографиите и мејловите, а истовремено добива можност и за активирање на камерата и микрофонот, читање на енкриптираните пораки во апликациите како ВатсАп, Телеграм и Сигнал. Преку влез во ГПС и хардверските сензори на телефонот, според него, клиентите на НСО можеле точно да ја знаат локацијата на метата и нивните претходни движења.

Последните новини во технологијата на НСО овозможуваат навлегување во телефоните дури и без кликање на линкови.