Жртвите на поранешниот доктор на американскиот гимнастичарски тим Лери Насар постигнаа спогодба од 380 милиони долари по петгодишна правна битка, изјави вчера адвокат на една од девојките, јавува „Радио Слободна Европа“. Стотици жени, меѓу кои и носителки на златни олимписки медали како Симон Билс, Али Рајсман и Мекејла Марони го обвинија Насар дека сексуално ги злоставувал.
Насар отслужува доживотна затворска казна откако се изјасни за виновен за злоставување додека работел како доктор по спортска медицина.
Спогодбата е постигната со Националното водечко тело за гимнастика на САД (УСАГ) и Американскиот олимписки и параолимписки комитет и нивните осигурителни компании.
Како дел од спогодбата беше договорено Олимпискиот комитет и УСАГ да доделат дел од нивните места во одборот на жртвите и да спроведат нови политики насочени кон заштита на спортистите од идна злоупотреба.
Поранешниот спортски доктор кој призна дека со години ја злоставувал една од најдобрите американски гимнастичарки беше осуден во јануари 2018 година на затворска казна од 40 до 175 години. Тоа е втора повеќегодишна затворска казна за 54-годишниот доктор. Исто така тој беше осуден на 60-годишна затворска казна за детска порнографија.