САД придонесуваат најмногу за загадувањето со пластика во светот

Соединетите Американски Држави придонесуваат најмногу за загадувањето со пластика во светот, покажува нов извештај, кој повикува на развој на национална стратегија за да се стави крај на тоа, пренесува „Н1“.

Вкупно, САД генерирале околу 42 милиони тони пластичен отпад во 2016 година, повеќе од двојно од Кина и повеќето земји на ЕУ заедно, според извештајот на Националната академија за науките, инженерството и медицината. Притоа, САД сочинуваат помалку од пет проценти од светското население.

Во просек, секој Американец годишно создава 130 килограми пластичен отпад, а на второ место следи Обединетото Кралство со 98 килограми, додека просекот во Франција е 43 килограми.

„Успехот на чудесниот изум – пластиката, во 20 век исто така создаде глобална поплава од пластичен отпад, каде и да погледнеме“, пишува Маргарет Спринг, претседателка на Комитетот на експерти што го подготви извештајот. Таа проблемот го нарече „еколошка и социјална криза“.

Најмалку 8.8 милиони тони пластичен отпад завршува во океанот секоја година во светот, што е околу еден камион ѓубре што се истоварува во морето секоја минута, се објаснува во извештајот. Сета пластика, вклучувајќи ја и онаа фрлена на земја, има потенцијал да заврши во океанот, се додава таму.