Стотици демонстрираа на редок протест во Пекинг поради присилно исселување мигранти

Стотици демонстранти излегоа на улиците на главниот град на Кина за да изразат револт поради насилното расселување на жители на предградието во Пекинг населено со работници-мигранти, доселени од други региони на земјата.

Демонстрантите вчера се собрале на улиците на приградската населба Феиџа, 15-тина километри североисточно од централниот плоштад Тиананмен, на мал но редок протест со осуда за чинот на расселување и демолирање на домовите на мигрантите, пренесува Гардијан.

Активистите велат дека работниците – мигранти се присилно исселувани од нивните домови од индустриската периферија на Пекинг од крајот на ноември, кога властите ги засилиле напорите да ги истераат работниците-мигранти надвор од градот, поттикнати од смртоносен пожар кој избил во еден од станбените објекти.

За протестот немало никакви информации во кинеските медиуми контролирани од Комунистичката партија, но, снимки и фотографии од настаните се прошириле на интернет, поздравени од активистите за човекови права.

„Мигрантската популација го возвраќа ударот“, напишал во твит Јаџуе Цао, уредникот на ChinaChange.org, веб-сајт за човекови права, кој објавува на англиски јазик.

Снимките покажуваат како луѓето маршираат низ приградската населба, која се наоѓа во близина на автопатот кој води кон пекиншкиот меѓународен аеродром. Една од групите носела транспарент на кој пишувало „присилното исселување е кршење на човековите права“.

Ели Фридман, професорка од Универзитетот Корнел, која го проучува кинескиот пазар на труд, објаснува дека протестот, кој се одржал на Денот на човековите права, е прв откако започнале рушењата на овие приградски населби населени со мигранти. Демонстрациите покажуваат колку Пекинг погрешиле во проценката за револтот кој ќе се појави од такво „злосторство“ од нивна страна.

„Тие имаат многу добро развиен систем за одговор на ваков вид протест. Прават стратегија на раздели – па владеј помеѓу водачите на протестите, прават некои компромиси, плаќаат на неколку луѓе… може да уапсат малку луѓе или само да претепаат неколкумина… Но, вообичаено нивната репресија е прилично насочена и прават проблемот да исчезне. Во најголемиот број случаи нема големи апсења“, вели Фридман.

Фридман додава и дека е уверена дека протестите не би биле дозволени доколку можеле да се пренесат на „потенцијално политички експлозивни групи“, како студенти или средната класа. Но, овие масовни расселувања можат да го нарушат имиџот на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој се прикажува себе како заштитник на сиромашните.