[Став] Потсетување дека Македонија има обврски кон лицата со аутизам

Секоја година ги повторуваме, ама и меѓувреме ги повторуваме, не само на денешниот 2 април – Денот на аутизмот. Еве неколку работи, како должност и одговорност да ги повторуваме:

-Сите познаваме лица со аутизам. Ние, внатре во семејството, а и надвор од него. Отворени, искрени, луѓе што летаат слободно. Луѓе што не влегуваат во секојдневните „калапи“, со „чудно однесување“, луѓе што не препознаваат лаги, иронија, сарказам, цинизам. Луѓе што си имаат сопствени предизвици, како и сите други луѓе, и е потребно да бидат евидентирани во системот за да може за нив да се создаваат подобри образовни, социјални, културни политики. Да се прават услови согласно нивните потенцијали и можности.

Потсетувам, со години нема абер од Регистар. Прво Регистар на лица со атипичен развој, вкупен, па и за аутизам. Министерство за труд и социјала – треба да ја убрзате таа постапка!

-Да се подобри инклузивната клима во градинките!

Не може еден дефектолог или едукатор да мора да „прошета“ по 6-7 градинки во неделата, само за да стави „чкртка“ во извештајот. И, сите среќни, се’ е регуларно и опфатено, а атипичното дете да каска во развојот, затоа што не добило потребно грижа, внимание и едукација! Ова значи повеќе инклузивен персонал, но и повеќе обуки за кадарот во градинките. Да знаат дека ќе работат со деца со атипичен развој, дека треба да се снаоѓаат, да развиваат компетенции.

-За школите – кадар, буџет, инфраструктура, обуки!

Не може министерот во јавноста да повторува колку е „унапредена инклузијата во школите“, а самите школи на глава да носат куп проблеми за да ја обезбедат таа инклузија. Да, се донесоа некои мерки, закони и правилници, но, што сега? Што од тука? Ќе оставиме процесот да „плови“, сам по себе, во импровизирана смисла? Не оди така…

Во некои школи недостасуваат асистенти, постојат и слаби инклузивни тимови, недостаток на компетенции кај наставниците, недостаток на соодветни простории за работа, меѓутоа и отпор и одбивање на инклузијата. Потсетувам, сега школите имаат не само морална и етичка, туку и законска обврска да ги примаат СИТЕ деца, инаку вршат дискриминација. Ова стои во Законот за основно образование.

-Долго време се „крчка“ Законот за средно образование – време е да се донесе!

Го споменав горе Законот за основно, но, што е со Законот за средно образование? Абер нема од негово носење, не се знае кога?! Со тоа, родители се оставени на цедило, да се снаоѓаат како знаат и умеат, и со пари, и со работа, и со време, и со своето физичко и ментално здравје, бидејќи образовни асистенти се планирани само за децата во основно, ама не и за тие во средно школо. Не секој родител може да плати асистент!

Како ќе зборуваме за „еднакви можности“? Фер ли е државата да нуди образовна асистенција само за помалите, а не и за сите деца, кога се знае дека средното образование е задолжително? Како ќе има инклузивна транзиција од основно до средно школо, ако сите не се третираат исто? Родители на средношколци се чувствуваат дискриминирани, забаталени од системот и скриени „под тепих“.

-Да се доврши приказната со МКФ-службите, или да се бара поинаков систем?

Потсетувам, бирократски бариери го оддолжија формирањето на одредени тела (Охрид, Велес, Куманово…). Треба вработувања нови лица (психолози, дефектолози), некаде недостасуваат и просторни услови… Требаат финансиски ресурси за оваа работа. Ако наместо 10, МКФ работат со 6-7 тела – не може проценките да се одвиваат со ист интензитет. Системот е правен по регионална основа, па сега родители со децата мораат да патуваат до друг регион, до друго тело. А, стручното тело во тој регион автоматски се преоптоварува, што значи подолги листи на чекање. И, се врти работата во круг, а теретот – пак на родителите.

Во целава приказна си има свој удел, и тоа добар: Министерството за здравство. Бидејќи, МКФ-службите (секоја со лекар, психолог, социјален работник, специјален едукатор и рехабилитатор) паѓаат под капата на Здравство. Значи, министерството под итно да си ја работи работата за кое е надлежно! Да не кочи процес.

Генерално, треба да се одлучи. Како ќе се тера овој МКФ-систем, кој има огромна доверена улога за иднината на децата со атипичен развој. Ако нешто се почнало, треба да се доврши. Или, да се бара поинакво чаре? Ова е меѓународна рамка, ама, мора и домашно чаре, според менталитет и услови, за да функционира.

-Факултетите да не ги дискриминираат студентите со атипичен развој!

Веќе полно пати пишувавме колку тоа нема инклузија и има дискриминација на факултетите на УКИМ (на пример). Не само за лицата со аутизам, генерално за атипичните. Меѓу другото, како тоа овие лица сами треба да наоѓаат материјали преку интернет и на своја рака да ги печатат. Да, тоа се случува.

Неодамнено истражување покажа, дури на 55% од факултетите нема студенти со атипичен развој или факултетите не водат статистика за бројот на ваков вид студенти. Ниту еден факултет не ги објавува своите соопштенија и документи во брајов формат, пристапен аудио формат или стандардно писмо во зголемен формат. Голем дел од предавалните и библиотеките на факултетите се со ограничена физичка пристапност, а дури на 55 % од факултетите нема лифт, иако се на повеќе катови. За 40 % од студентите со атипичен развој јавниот превоз е целосно непристапен. Само на 10 % од факултетите атипичните студенти формално може да добијат литература во аудио или дигитален формат.

-Што е со дневните центри? Повеќе места за развивање на практичен, одговорен и самостоен живот?

За развивање социјални способности, да не бидат оттуѓени? Исто така, да развиваат и вештини за истражување, експериментирање, но и решавање проблеми, практични, секојдневни. Да се снаоѓаат во домот, надвор, на улица. Плус таа креативност, аудитивна или визуелна, како да ја насочат, каде?

-Потоа да се вработат, според потенцијал, според она што знаат и можат.

Да одат чекор понапред, да се менуваа праксите и преку работодавачите, лека полека. Да се создаваат протоколи, организација на работното место и средина што нема да им генерира стрес. Работна средина што ќе биде прифатена и соодветна за сите подеднакво.

За да можат сите деца/лица да пораснат и да се остварат себеси, за да бидат поети, музичари, глумци, програмери, јутјубери или што-и-да-сакаат да бидат.

Бојан Шашевски